Археолозите пронајдоа бројни артефакти на локалитетот Цоцев Камен
Деновиве заврши археолошкото истражување на локалитетот Цоцев камен Кратовско организирано од страна на Музеј на Град Кратово при што се најдени голем број артефакти кои ќе ги красат витрините во Музеј на град Кратово.
На 25 километри западно од Кратово, во непосредна близина на селото Шопско Рудари, се наоѓа локалитетот Цоцев Камен. Станува збор за неолитска населба, во која населението се занимавало со земјоделство и лов. Самата карпа претставува духовно светилиште, што е забележливо од многуте остатоци видливи и денес.Локалитетот Цоцев Камен (со напоредни називи Трон или Пешта) е вулканска карпа која во праисторијата се користела како мегалитска опсерваторија. Самата карпа се издвојува од околните ридишта е интересна сама по себе. Видливи се и остатоци од човечка обработка.
На стотина метри источно од Цоцев Камен се наоѓаат мегалити кои служеле како сончеви и месечеви нишани. На врвот на карпата се наоѓа престол свртен на исток кон нишаните, од каде што може да се следи во која точка изгрева Сонцето и Месечината и според тоа да се формира сончев календар. Мегалитите имаат дополнителни врежувања врз нив и во непосредна близина се најдени изработени месечиви во голема димензија, што претставува сведок за тоа дали еден објект претставува опсерваторија.
Цоцев Камен е единствен локалитет во светот кој на едно место обединува светилиште, жртвеник и опсерваторија.