АктуелноЛокално

Во Стибера откриени остатоци од градба од 1 век

Завршија годинашните археолошки истражувања на античкиот урбан центар Стибера т.н. ”македонската Помпеја” кај селото Чепигово, Прилепско. Од Заводот и музеј во Прилеп информираат дека новооткриената градба е прилепена до административната зграда на главниот градски пазариштен плоштад – агората.
– Според наодите што ги откривме, констатираме дека градбата е подоцнежна, односно датира од средината на третиот век, кога Стибера по насилните упаѓања на варварските племиња Херули и Готи ги губи својот сјај и високата политичка позиција што ја имала во рамките на Римската Империја. Под неа откривме и остатоци од постара градба од првиот век.

Пронајдени се два мошне важни движни наоди – сребрен денар со ликот на царицата Фаустина од вториот век и бронзен прстен со издлабена претстава на крст. Сребрениот денар со ликот на Фаустина е мошне рана појава на христијанството, чија репрезентативна мермерна биста е откриена во административната зграда на агората – вели советникот археолог Душко Темелкоски, кој посочува дека следната година ќе продолжат со истражувањето на овој значаен македонски локалитет.

Градот Стибера, урбан центар на областа Дериоп во котлината Пелагонија, бил еден од најголемите антички градови во Република Македонија.Од антички пишани извори се дознава дека Стибера веќе бил стратешко значаен град уште за време на владеењето на македонските кралеви (4-3 век ст. е.). За време на Втората македонско-римска војна, римските легии кои привремено го зазеле поширокиот регион, во Стибера се снабдиле со потребните житарици. За време на Третата, последна војна која ја воделе Македонија и Рим (прва половина од 2 век ст. е.), последниот македонски крал Персеј токму во Стибера извесен период бил стациониран со својот команден штаб, така што оттука раководел со воените операции кон западните територии населени со Илирите, сојузници на римјаните.