Синдикатите бараат повисоки плати за просветните работници
Независниот синдикат за образование и наука (НСОН) БАРА од Министерството за образование и наука да направи промена во одлуката и да обезбеди усогласување на платите во секторот образование од Септември 2024 согласно растот на минималната плата.
„Како резултат на инфлацијата односно растот на цените на основните продукти е намелна куповната моќ на просветните работници а со тоа е намален и квалитетот на живот како и мотивацијата на вработените во секторот образование. Бараме од МОН сериозно да пристапи на горенаведениот проблем“ – стои во соопштението споделено од ССМ.
Во предизборната кампања од страна на сега веќе актуелната власт на ДПМНЕ и ЗНАМ беше ветувано зголемување на платите на просветните работници! Вчера, во интервју за национална телевизија Министерката Весна Јаневска ретерираше од овој став, велејќи дека ова не може да биде реализирано. За ова реагираа и од Политичката партија Левица, кои велат дека преку коефициентот за плата Власта го изигрува Законот:
„Коефициентите за плата коишто се врзани за минималната плата, се пресметуваат според минимална плата што е далеку пониска од со закон утврдената, т.е нето минималната плата во државата се зема како бруто плата за образование. Во пракса ова доведува до опасна урамниловка на платите во основното и средното образование- редица коефициенти се поништени и сведени на 1 (минимална плата), при што истите се опасно блиску со платата на носителите на дејност, т.е наставниците чија плата во моментот е околу 34.000 денара“, – објавија од Левица.