АктуелноЛокално

Интердисциплинарен и мултимедијален фестивал „Културен амалгам“ во КИЦ

Културно-информативниот центар (КИЦ) – Скопје влегува во нова приказна. Овојпат во соработка со сродните културни центри од внатрешнста на Македонија ќе го организира патувачкиот интердисциплинарен и мултимедијален фестивал „Културен амалгам“.

Во својата основа новиот фестивал има за задача да отвори врати кон вистинска и коренита децентрализација на културата во Македонија преку поставување темели на соработка и градење културна свест во различни средини низ различни градови.

Соработката на КИЦ – Скопје со останатите центри, преку меѓуинституционалниот и мултимедијален фестивал треба да постави темел за понатамошно аплицирање на истиот и низ останатите градови низ Македонија, а по примерот на Скопје, Кратово, Крушево и Битола, кои се предвидени за ова прво издание на фестивалот.

Во реализацијата на програмата на првото издание се вклучени Културно-информативен центар – Скопје (23 јули), Дом на културата „Лазар Софијанов“ во Кратово (27 јули), Дом за култура „Наум Наумовски Борче“ во Крушево (6 август) и Центар за култура – Битола. Фестивалот е поддржан од Министерството за култура на Македонија.

На програмата на фестивалот се изложбата на фотографии „24“ на Никола Јовановиќ и проекции на филмовите „Митот за Сара“, „Мангава диско панк“ и „Долу од рајот“ на режисерот Саша Станишиќ.

Никола Јовановиќ е млад фотограф роден во Скопје (2002), кој активно се занимава со фотографија веќе неколку години. Кон крајот на 2020-та година почнува активно да се занимава со портретна и музичка фотографија. Црно-белата фотографија е негов заштитен знак, негува ретростил налик на оној од крајот на 20-от век.

Саша Станишиќ е претставник на новата генерација режисери од Македонија чиј фокус на интерес е сместен на локалните реалистични дискурси кои можат да се протегнат или аплицират по својата универзалност и на други делови од планетата, а неговите партикуларни теми често во себе кријат општа човечка детерминанта. Во филмовите на Станишиќ свој одраз има и неговото претходно образование од книжевната компаративистка, која го збогатува неговиот наративен и интертекстуален пристап.