АктуелноЛокално

Левица-Ѓорче Петров: Нема крај на партиските вработувања-ДПМНЕ изгласа дополнителни 10 нови вработувања во Општината поради 2 пензионирања

  • Реакција на Левица-Ѓорче Петров

На вчерашната седница на Советот на Општина Ѓорче Петров, ДПМНЕ изгласа Дополнување на Планот за вработување во Општината за 2024 година, со 10 нови вработувања, и тоа: 2 за поддршка на градоначалникот; 4 за нормативно-правни работи, работа со советот и јавни набавки; 1 за финансиски прашања; 2 за урбанизам, инвестиции и комунални дејности; 1 за економски одржлив развој.

Небулозата оди дотаму што заминувањето на двајца административци е причина за десет нови вработувања.

Бројот на вработени во Општината ќе се приближи до 100, а Општината ќе остане нефункционална.

Имено, во изминатиот период до нас стигаат поплаки од граѓани за неажурност и недостапност на општинската администрација.

За нефункционалноста на општинската администрација сведочат и советниците од Левица коишто поради неажурноста и ноншалантноста на партиската војска во Општината, во континуитет се спречени да ги остваруваат своите законски, статутарни и деловнички права како советници.

Нефункционалната Општина е плод на партиски конкурси и нестручни кадри коишто вршат партиски задачи.

Партизацијата на институциите останува и понатаму рак рана на нашето општество и е главна причина за иселувањето на младите кадри кои се жртва на долгогодишниот партиски критериум при вработувањето.

Моментот кога Левица ќе добие поголема моќ на локално ниво, како единствена партија која се залага за професионална и непартиска администрација со транспарентен процес при вработување – ваквото партиско и крајно недомаќинско натрупување на администрацијата ќе биде целосно ревидирано.