Локалната власт се дави во неспособност – жителите на Делчево 4 дена жедни без вода

Интервју со Тони Стаменковски – Советник од Левица во Општина Делчево

Антропол: Што се случи со водоснабдувањето во Делчево па жителите беа оставени 4 дена без вода?

Т.С: Ќе бидам суров но дефинитивно неспособноста и неорганизираноста и на изведувачите, но и на одговорните во ЈКП Брегалница Делчево, па овде ќе најдам огромна забелешка и од самиот градоначалник, бидејќи тој треба да биде во координација со директорот на ова јавно претпријатие кој е поставен од него и целата оваа работа да се заврши во рок од 2 дена како што и самите објавија во соопштението до граѓаните дека ќе се извршуваат работи и колку ќе траат.
Граѓаните беа спремни, но поради тоа што претходно не е направен план за набавка на соодветни делови кои треба да бидат променети работата се искомплицира и така градот остана 4 дена без вода. Исто така, вакви работи не може да се изведуваат во летниот период, од изведувачот потребно е да се добие динамички план за кога е планирана реконструкцијата на главната шахта и да бидат запознаени и координатор – менаџерот, надзорот на проектот па дури тогаш да се одлучи дали да се преземаат воопшто вакви работи.

Антропол: Во реакција на ЛО Делчево на Левица спомнувате за несоодветно лице поставено за координатор-менаџер на проект вреден 8 милиони швајцарски франаци.

Т.С: Па поради тоа сме и кај сме сега, не само градот туку и Македонија. Поради овие преседани се случуваат вакви работи, а стручните лица за овие работи, или намерно не ги вклучуваат во работите или досега се иселени од државава.

Антропол: Што се случува со селата Ѕвегор и Габрово, и тие ли се вклучени во овој проект?

Т.С: Во 2018г. Се потпишува договор меѓу Министерството за животна средина и просторно планирање и Швајцарската федерација, проект тежок 8 милиони швајцарски франаци. Изградба и реконструкција на водоводни мрежи во градот Делчево, с.Ѕвегор и с.Габрово и изградба на пречистителна станица кај с.Тработивиште со која ќе се реши проблемот со чиста вода за пиење на општина Делчево и околните села поврзани на водоводната мрежа. На објавениот тендер понуди има од 6 фирми, избрана е една со која Министерството потпишува договор како најповолна. Рокот за завршување на работите по договорот е 18 месеци од започнувањето, но од тогаш па до денес со анекси на договорот, овој рок без некое посебно објаснување од страна на изведувачот, е продолжен уште за 18 месеци, еднаш до Јули 2023, вторпат до декември 2023, трет пат до април 2024.
Иако како што изјави градоначалникот на општина Делчево, дека лично апелирал до самото министерство за поништување на овој договор поради несериозноста и неажурноста на изведувачот, сепак од самото министерство анексите биле прифаќани и рокот им бил продолжуван а жителите до ден денес се без вода што е премногу загрижувачко и недопустливо за овој временски период.
Во с. Габрово исто така има проблем поради тоа што во меѓувреме започна реконструкцијата на водоводната мрежа од градот Делчево до селото, но и реконструкцијата на патот до селото кој го изведува ЈП Македонија Пат. Ниту водоводната мрежа е изградена целосно долж патот кој е во фаза на реконструкција и искрено за да стигнете до селото не е пожелно да патувате со автомобил!

Антропол: Вчера со градоначалникот и жителите на с.Ѕвегор имаше закажано средба, се донесоа ли некакви заклучоци од оваа средба?

Т.С: За оваа средба Левица апелираше да се изнајдат конечни решенија меѓу двете страни и да се решат проблемите, доколку се донесат законски одлуки во интерес на жителите на с.Ѕвегор. Јас како член на советот на општина Делчево ќе ги поддржам, секако ако бидат на дневен ред на седница на совет. Очекувам да има соопштение и од двете страни како поминала оваа средба.

Антропол: Во соопштение жителите на Ѕвегор најавија дека постои можност за радикализација и блокирање на меѓународниот пат Македонија – Бугарија доколку не се изнајде решение. Каков е вашиот став?

Т.С: Пред да почне проектот, селото имаше постоечки водовод изграден од жителите со сопствен самопридонес и функционираше од седумдесетите години од минатиот век па се до започнувањето на овој „фамозен“ проект. Секоја куќа беше приклучена на мрежата, ако имаше некаков дефект самите жители се организираа и ги решаваа проблемите.
Е сега, симптоматично е тоа што жителите сега ќе добиваат вода за пиење од брана Лошана, а претходниот селски водовод при реконструкцијата и по укажување на жителите е уништен. Водата што ја користеле овие жители повеќе од 50 години уште никој не знае што со неа, а ја има во изобилство?!

Антропол: Какво е вашето мислење околу овој проблем, што треба да се направи?

Т.С: Според мене, потребна е целосна ревизија на овој проект. Па еве шанса на новата влада да се докаже дека се на страната на народот и доколку се најдат неправилности да следуваат и правни последици за сите одговорни лица кои ги доведоа до ситуација жителите на општината и на овие две села да немаат повеќе месеци вода.