Трајковски: „Епохалната инвестиција“ во енергетиката
- Пишува: Дејан Трајковски – Професор во Универзитет “Св. Климент Охридски” Технички Факултет – Битола (ТФБ)
На три дена пред најавеното потпишување на „епохалната инвестиција“ во ветропарк со инсталиран капацитет од 300-400 MW и годишно производство од околу 1 TWh, врз основа на оскудните информации да се обидеме да дешифрираме за што се работи.
Како прво, нашата влада во моментот нема пари за сопствена инвестиција, а најавената унгарска милијарда нема никаква врска со инвестицијата во ветропаркот. Заклучуваме дека се работи за странска директна инвестиција (СДИ), со која всушност ќе можат да се пофалат само странците, бидејќи тие, а не македонската држава, ќе извлекуваат профит од неа и ќе го изнесуваат од земјата.
Странските директни инвестиции (СДИ) се најбрзорастечки сегмент во меѓународната економија, а подразбираат инвестирање капитал (пари, технологија и друго) во друга земја заради остварување профит од бизнис, при што странскиот инвеститор доминантно управува со бизнисот. Секој што има доволно почетен капитал и добра бизнис идеја може да отвори компанија во странство и да инвестира во СДИ. За разлика од СДИ, кај портфолио инвестициите инвеститорите инвестираат во акции, најчесто од постоечка компанија, но не се занимаваат со директно управување.
Најверојатно во случајот со ветропаркот се работи токму за СДИ, бидејќи не слушнавме за некаков јавен повик за јавно приватно партнерство (ЈПП), ниту за директна спогодба според озлогласениот Закон за стратешки инвестиции, за кој што ДКСК уште пред 5 години предупреди дека носи голем ризик од корупција.
Претходната власт прилично се измачи со двата начини, во врска со ПАХЕ „Чебрен“ и гасната постројка на „Митилинеос“ и за наша среќа – не успеа. Во случајот со ветропаркот новата власт веројатно не би се осмелила уште од првиот ден да прави нешто надвор од законите (одлуката за инвестирање според Законот за стратешки инвестиции би морало да ја донесе парламентот, а за тоа треба време), така што речиси сигурно се работи за странска директна инвестиција. Но, бидејќи се работи за искористување на природни ресурси, претпоставувам дека сепак би требало да има некаква постапка за одобрување концесија.
Со што се фалиме тогаш ние, како држава? Да разгледаме три сценарија. Доколку странскиот инвеститор донесе капитал и со пари го купи или изнајми земјиштето за ветропаркот, тогаш Македонија нема да има апсолутно никаква корист од инвестицијата, освен прибраниот данок на добивка и евентуално ДДВ-то и тоа само ако струјата се продава на домашни купувачи. За разлика од ТИРЗ-овите, со вработувања нема многу да се офајдиме, иако целиот профит инвеститорот ќе го изнесе надвор, во својата земја.
Најлошто од се е што ние ќе ги изгубиме најповолните локации за ветерни централи, бидејќи е познато дека тие се единствено исплатливи доколку се градат на ветровити места. Најавената локација во триаголникот Штип-Радовиш-Карбинци кажува дека се работи за планински терен, а бидејќи ветерниците не се градат во долови и усеци, јасно е дека инвеститорот би ги запоседнал планиснките сртови, со што би ја лишил државата од најповолните локации за изградба на сопствени ветерници.
Освен тоа, за странски интереси ќе мораме да трпиме звучно загадување (noise pollution) од работата на турбинските пропелери. Во Норвешка, на пример, Врховниот суд одлучил дека ветерните централи ги нарушуваат правата на домородниот народ Сами. Во канадската провинција Алберта се забранети не само ветерните паркови, туку сите обновливи извори од естетски причини. Во Англија пак, пред неколку години ефективно ја суспендирале изградбата на нови он-шор (на копно) ветерни паркови. На крајот, останува проблемот со рециклирање на пензионираните ветерни централи после 25-30 години работа. Особено голем проблем претставува рециклирањето на лопатките, изработени од композитни материјали, што моментално се закопуваат во земјата. Ова не значи дека и ние треба да ги суспендираме, ама ако веќе трпиме последици, барем целата корист да ни остане нам, а не воглавно на странскиот инвеститор.
Според второто сценарио, наместо странскиот инвеститор со пари да го купи или изнајми земјиштето, за наемот би плаќал со извено количество произведена електрична енергија. Се споменуваат 18%, но нејасно е зошто ние би оделе на непосредна спогодба, наместо процентот да оди на тендер, па така да одбереме најповолна понуда.
Ова решение секако е подобро отколку претходно критикуваните решенија, од страна на нашето неформално здружение на инженери, според кои Македонија би добивала процент од добивката (што може да се манипулира со „надуени“ трошоци) или – уште полошо – да добива само 1% концесија, како во случајот со ПАХЕ „Чебрен“. Тука добро би било, исто така, што Македонија не би била обврзана да откупува загарантирани количества енергија по загарантирани цени, како во случајот со „Митилинеос“. Тоа веќе би била вистинска катастрофа. Додуша, катастрофа би била и што немаме реверзибилни хидроцентрали за складирање и балансирање на ветерните централи, но тоа е друга тема.
Според третото сценарио, странскиот инвеститор би плаќал само некаква мизерна концесија од 1% (како за минералните суровини), но ова сценарио е толку неповолно, што дури не вреди ни да го разгледуваме.
Заедничко на сите три сценарија, освен загубата на најдобрите локации, е тоа што Македонија, односно државниот ЕСМ, би се лишиле од сопствени приходи од производство и продажба на сопствена енергија. Да го земеме дури и најповолното, второ сценарио со 18% примена енергија во замена за локациите. Зошто би се свеле на само 18% енергија, кога би можеле да ги имаме сите 100%?
Зошто пак Македонија да не инвестира локации и пари, а странскиот партнер да донесе технологија (know how) и менаџмент, па за тоа да добива 10% од произведената енергија? Поевтино е дури да платиме и странски проектанти, работници, па и менаџери, отколку да се задоволуваме од трошките што ќе ни останат.
Сме анализирале многупати, вложувајќи само 15% за почетно учество и земајќи поволен кредит за „зелена енергија“, самите би ја изградиле и со текот на времето би ја отплатиле ветерната централа, а од тој момент понатаму (после 10-20 години) би имале речиси бесплатна енергија и прилив на средства во буџетот. Доколку во првите години сите приходи се трошат на отплата на заемот, би ја отплатиле многу побргу.
Од тие заработени пари во буџетот потоа би можеле да исплатуваме плати од по 3.000 евра за докторите, да градиме современи болници или брзи пруги. Вака, без сопствени приходи од стопанисување би биле осудени да мизеруваме, да се лекуваме во урнисани болници и да патуваме со бавни возови, а најлошо од се е што ќе мораме да се задолжуваме. Наместо профитот, заработен од толку едноставен и монополски бизнис да ни остане нам, ќе им остане на странците, кои ќе го репатрираат во својата матична земја.
Штом веќе зборуваме за ветерните електрични централи (ВЕЦ), тие даваат најевтина електрична енергија (Levelized Cost of Electricity – LCOE), земајќи ги во предвид капиталните трошоци (CapEx), оперативните трошоци (OpEx), па дури и цената на складирање (Levelized Cost of Storage – LCOS). Според консултантската куќа Лазар (www.lazard.com) LCOE, односно израмнетата цена на електричната енергија од нови ветерни централи, заедно со складирањето, во 2024 година изнесува само од 45 до 133 USD/MWh, зависно од ветровитоста на дадена локација.
После отплатата на централата, таканаречената маргинална цена кај постоечките ВЕЦ со складирање изнесува од 8 до 123 USD/MWh (исто така според Лазар, како што се гледа на сликата). Кај постоечките ВЕЦ без складирање цената изнесува само 0 до 62 USD/MWh! Не е сосема бесплатно, но да не заборавиме дека се работи за „зелена енергија“ во вистинска смисла на зборот.
Тука мораме да кажеме една забелешка околу LCOE. Ова е израмнетата цена во текот на периодот на отплата, најчесто 20 години, а го зема предвид и растот на цените поради инфлацијата. Сведено на денешен ден, при инфлација од 2,5%-3% цените би биле за 25%-30% пониски, што математички може лесно да се докаже.
Добро, зошто ова се прави? Зар бадијала зборувавме цели 9 месеци на оваа тема? Тука зборувам како граѓанин и инженер, а не како член на политичка партија. Сега станува појасно и зошто цело време сите молчеа додека ние инженерите се мачевме аргументирано да објасниме зошто е важно самите да инвестираме во производни капацитети, а особено во обновливи извори на енергија.
Сега, кога се чини дека сме ставени пред свршен чин и дека не може повеќе ништо да се стори, ни преостанува да апелираме новите власти да инвестираат барем во една реверзибилна, пумпно-акумулациона хидроцентрала (ПАХЕ) со базенска акумулација/резервоар, за што зборувавме пред неколку дена.
Исто така, можеме да апелираме да не инвестираат непотребно 500 милиони евра во нови гасни централи, бидејќи гасот (како фосилно гориво) исто така е гориво од минатото. Подобро е да купиме една половна гасна централа, да ја репарираме, преселиме, инсталираме и поврземе со постоечката ТЕ „Неготино“, каде би ни служела уште најмногу 10 години, додека завршиме со процесот на „зелена транзиција“ кон ОИЕ. За толку малку време навистина не вреди да фрламе толку многу пари.
За само 100 милиони евра би добиле гасна централа од 500 MW во комбиниран, гасно-парен циклус. Дури и да не ја поврземе со парната секција на ТЕ „Неготино“, за толку малку пари би била исплатлива да работи и како „пикер“ гасна централа, како начин за балансирање на фотонапонските и ветерните централи, се разбира додека не ја изградиме реверзибилната хидроцентрала. Се се може, само ако се размислува и планира правилно. Ова што сега ќе го добиеме не е ниту епохално, ниту инвестиција – барем не наша.
=====================
На првата слика: споредба на израмнетата цена на електричната енергија од нови или веќе изградени ветерни електрични централи, со или без складирање на енергијата.
На втората слика: он-шор (на копно) ветропарк.