Јанески: Беше предизвик и одговорност да се биде раководител на Црвена Младина
- Пишува: Марио Јанески
Беше навистина предизвик и одговорност да се биде раководител на Црвена Младина – младината на најбрзорастечката grassroot партија Левица. Младината на партијата што ја гласаа најмногу млади и која ја има најголемата нивна поддршка. Изминаа две и пол години откако бев назначен за претседател на Црвена Младина, што тогаш имаше активни членови кои можеа да се избројат на една рака.
Затоа, сакам јавно да ја искористам приликата да се заблагодарам на сите дечки со кои заедно макотрпно работевме изминатиов период да направиме една младинска организација што ќе биде збиралиште на авангардната младина во Македонија, на најпрогресивното ткиво на млади од Македонија, на оние кои политиката ја гледаат како средство за промена, а не како цел. Збиралиште на угнетените средношколци, студенти и сите разочарани млади.
И без нималку лажна скромност или претенциозност можам да кажам дека навистина успеавме да поставиме едни нови стандарди во Македонија во младинскиот политички активизам, но, и пошироко.
Без многу ресурси, само искрен пристап, со чесност, со непоколебливост, храброст, пркост, без никаква доза на калкулации, без лукративни побуди успеавме да станеме најбрзо растечката младинска организација во Македонија, што денес брои стотици младински активисти и илјадници поддржувачи и симпатизери.
Успеавме и автентично да се наметнеме во јавниот и медиумскиот дискурс, нешто што досега било нетипично за која било друга младинска организација, освен оние младински организации на ДПМНЕ и СДС на кои им станавме тема на дискусија на нивните состаноци, затоа што младите доаѓале со нас, а не со нив.
Додека тие стануваа бироа за вработувања, наместо место каде младите ќе дискутираат за идеи и ќе разговараат како да ја превртат државата наопаку со својата младешка храброст, лудост и со своите максималистички визии, ние станавме токму спротивното од нив.
Додека тие создаваа стереотипи дека политиката треба да е само за личен интерес или вработување, ние успеавме и пробуваме да ги скршиме тие стереотипи и да наметнеме нова политичка култура дијаметрално спротивна од онаа што тие ја наметнуваат.
Црвена Младина стана младинска организација кадешто младите можат да сонуваат за еден подобар свет без повозрасните да ги обесхрабруват и да им велат „џабе тоа, џабе”. Место каде младите нема да имаат никакви табу теми, ниту ќе им се плашат на нашите класни и политички непријатели.
А ова не е нешто што е карактеристично за нас. Не дека сме ние нешто посебни. Едноставно сме инспирирани од оние кои претходно тоа го правеле. Младите револуционери кои гинеле против една османлиска империја. Потоа, младите партизани кои фатиле пушки во рака на 16, 17, 20, 25 години. Младите биле тие кои секогаш биле во првите борбени редови и гинеле за оваа држава. Не биле егоистичните интелектуалци, не биле земјопоседниците, ниту пак нивните синови и ќерки. Туку, тоа биле секогаш децата на обичните селани, работници, обичниот народ.
На новиот раководител му посакувам успех во работата, а не се сомневам дека за многу брзо Црвена Младина нема да биде само кадровски извор на Левица, туку ќе биде и кадровскиот извор што ќе ја храни Републиката со некорумпирани, идеолошки профилирани кадри.
Левица, младите од Левица и јас како многу мал дел од тоа продолжуваме и понатаму со борбата, се додека младиот човек повторно не се почувствува достоинствено во Македонија, нешто што било карактеристично за овие простори во некои други времиња и општествено уредување поразлично од ова. Уредување кое напротив од вообичеаниот десничарски наратив што се наметнува, е повторно попрогресивно и поавангардно повеќе од кога било.
СФ – СН!