АктуелноИнтервјуЛокално

Куцуловски: Не смее да се гради политика за развој која е заснована на непочитување на законските обврски

 Интервју со Андреј Куцуловски, активист за заштита на животната средина, член во Зелен сектор на Левица и борец за социјална правда

Антропол: Што значи природата за вас како млад човек од Македонија?

А.K: Денес, кога се актуелизирани случувањата околу климатските промени и особено кога ги чувствуваме на сопствена кожа, се покажува дека грижата кон животната средина е клучна тема за политизирање. Иако Македонија е мала земја, и ќе кажете дека нема приметлив удел во глобалното затоплување во споредба со поголемите и индустриски развиени земји, сепак на локално ниво има доста за што да се зборува. Загадувањето на воздухот, водата, почвата како и заштитата на карактеристичниот биодиверзитет во Македонија се многу важни теми за кои што нужно е да се ангажираат младите. На крајот од денот, на нас ќе ни остане или да уживаме во придобивките на природата или да ги загубиме засекогаш.

Горенаведените примери негативно влијаат врз стандардот на живееење. Имено, барем 4 месеци во годината непрекинато го дишеме најзагадениот воздух на светот. Дополнително, во почвата и водата за наводнување се сѐ поприсутни тешките метали кои на крајот завршуваат во нашата храна. Генералната системска негрижа на крајот доведува и до негрижа спрема животната средина и со тоа кон здравјето и квалитетот на живот на луѓето. Младите ја согледуваат материјалната состојба на животната средина и нејзиното влијание врз нив, што пак природно влијае на нивната одлука дали да останат во Македонија или да се иселат. 

Антропол: Пред извесен период организиравте акција за чистење на Водно. Какви активности и иницијативи преземаат младите за зачувување на животната средина, и дали сметате дека ваквите активности можат да влијаат на долгорочната свест за животната средина кај граѓаните? 

A.K: Точно, пред скоро време организиравме акција со зелениот сектор на Левица и ЛО Карпош на Водно каде што неколкумина активисти собравме околу 10 вреќи отпад за многу кратко време. Тоа е оној наш мал, но сепак значаен придонес кој што можеме да си го дозволиме за барем привремено да ја исчистиме околината која ја користиме за рекреација и релаксација, а притоа да ја подигнеме свеста кај нашите сограѓани за грижа кон животната средина. Дури и најдовме лименки од пијалоци кои биле произведени во ‘90те. Мислам дека грижата за животната средина многу добро може да се види по тоа како и каде го оставаме нашето ѓубре и какви начини користиме за да го собереме и исфрлиме. Сепак, нашите јавни простори се одраз на нашата колективна свест и грижа.

Антропол: Пред неколку дена бевте да го поддржите протестот на прилепчани против „Бехтел и Енка”. Што затекнавте кога пристигнавте на протестот против рударскиот проект во Прилеп и каква беше атмосферата меѓу присутните?

А.К: Патот кон планираниот рудник беше блокиран од храбрите прилепчани кои му се спротиставија на злосторничкиот консорциум „Бехтел и Енка”. Тие нѐ информираа за сѐ што се случувало досега и за последиците доколку се дозволи бруталната експлоатација на градежен материјал од локацијата близу селото Ореовец, од загрозување на водоснабдувањето на општина Прилеп до загадувањето на воздухот со прашина генерирано од минирањето на мермерот.                            

Жителите од овој крај се навистина загрижени. Бараа да се прекине овој насилнички пристап затоа што сакаат на нивните поколенија да им остават поздрава животна средина. Меѓу другото, спомнаа дека во пределот каде што „Бехтел и Енка” планира да минира, се наоѓа македонскиот ендемит Македонска Сивка – пеперутка, која што се наоѓа исклучително во овој регион и никаде на друго место во светот. Сѐ на сѐ, загубите кои ќе ги претрпи регионот ако се дозволи оваа сурова експлоатација ќе бидат неповратни.

Антропол: Кои се клучните карактеристики на проблемот со Бехтел и Енка? Како дојде до организиран протест?

А.К: Тортурата од страна на „Бехтел и Енка” не запира само кај природните ресурси. Имено, со цел да се удоволи колку може повеќе на овој гигант, владата која своевремено беше во заминување продолжи со нивниот пристап на поданички ентузијазам. Со изземањето на „Бехтел и Енка” да подложат на македонските закони ја круниса вазалната политика на СДС и ДУИ. Убеден сум дека новата бизнис владеачка гарнитура нема да се преиспита подлабоко по ова прашање.

„Бехтел и Енка” се изземени од скоро сите обврски кон државата, освен да изградат пат. Оправданието е дека на овој начин побрзо ќе се заврши проектот, но еве, сѐ уште непочнати и очигледно е дека постојат големи проблеми со овој пристап. Левица како партија одамна алармираше за консеквенциите на овој договор – почнувајќи од контроверзниот закон за работното време од 60 часа неделно, сѐ до економските последици. Минатата година, Левица исто така алармираше за скандалите со корупција во кои беа инволвирани газдите на Бехтел и Енка. Дозволуваме такви бизнисмени да се богатат од македонскиот буџет и да роварат по нашата држава како пуштени од ланец. Државата како заштитник на граѓаните е отсутна, па затоа мора граѓаните сами да се кренат против Бехтел и Енка.  

Антропол: Како ги оценувате долгорочните последици од изземањето на „Бехтел и Енка“ од македонските закони и кои конкретни чекори треба да ги преземат граѓаните и партиите за да се спречи ваквиот вид на договори кои ги загрозуваат националните интереси и природните ресурси на Македонија? 

A.K: Не смее да се гради политика за развој, која е заснована на непочитување на законските обврски. Досегашниот модус операнди по принципот на ДУИ мора засекогаш да замине во историјата и на нивно место да дојдат кадри кои навистина се грижат за државните интереси а не за сопствените џебови. Во овој дел сметам дека Левица е единствена партија која што искрено се залага за државните интереси. 

Во Македонија има епидемија на системската негрижа и неказнивост во сите сектори. На крајот од денот, се бара одговорност и систем кој ќе им служи на граѓаните.

Мора да се развие нова национална стратегија за изградба на државната инфраструктура со државата како главен изведувач. Аргументот дека државните капацитети се слаби и дека тоа треба да се остави на приватниот сектор, не само што не го решава проблемот, туку дополнително ги еродира државните капацитети. Мислам дека со тој аргумент ќе ги приватизираат сите државни капацитети, согледувајќи дека за жал, во сите сектори има потешкотии во работењето. Приватизацијата која почна во ‘90те си го направи своето во Македонија, а одговорот на политичките субјекти, сегашни и поранешни, е дека треба уште подлабоко да се приватизира државниот сектор. 

Новата владејачка гарнитура има план дополнително да приватизира гранки од државната администрација, притоа несфаќајќи ги последиците на таквите политики. Тоа е сржта на проблемот со естаблишментските партии, тие немаат некоја суштинска разлика во нивната владеачка идеологија.  

Левица останува единствената светла точка која што има интерес навистина да изгради државни капацитети способни за работење во интерес на граѓаните. Блиската соработка со граѓаните е клучна во спроведувањето на квалитетни политики. Левица се наоѓа заедно со граѓаните од Прилеп и прилепско, рамо до рамо, пркосејќи и на неправдата. 

Апатијата е сојузник на тие кои не експлоатираат, затоа е потребен уште поголем ангажман од граѓаните масовно да ги поддржат блокадите. Додека партиите мораат да имаат слух за засегнатите граѓани. Непријателот е голем и моќен, но ние сме имале и пострашни непријатели во минатото па сме ги победиле. Верувам дека така ќе биде и сега затоа што прилепчани се борци, Левица е борбена и нема да седи со скрстени раце пред лицето на неправдата.