Интервју

Јовановска: Левица ќе застане позади секоја дискриминирана општествена група

Интервју за порталот на ДСП Ленка со Катерина Јовановска, координатор на Социјалниот сектор на Левица, советничка во град Скопје и кандидатка за пратеник од Левица во ИЕ1,

Во текот на вашиот мандат како советничка во градот Скопје, имате поднесено голем број на иницијативи за социјално загрозените граѓани на главниот град, можеби најголемата од нив отварање на дневен центар за лицата со попреченост, до каде е нивната реализација?

К.Ј: Како координатор на Социјалниот сектор на Левица секојдневно сум во контакт со граѓаните кои што ни се обраќаат за помош за нивните проблеми и знам со какви се предизвици се соочуваат  лицата со попреченост, пензионерите, лицата со социјален ризик.

Иако градот Скопје како единица на локалната самоуправа има ограничена надлежност во социјалната политика, сепак вложивме напор како советничка група да поднесеме иницијативи со кои би им помогнале на овие граѓани.

Освен иницијативата за отварање на нов дневен центар за лица со попреченост, поднесовме и иницијатива за отварање на сензорни соби за аутистични деца во секое средно училиште кое што е во надлежност на градот Скопје, истата беше изгласана на Советот и во тек е нивната реализација.

Потоа тука се и мерките за целосно субвенционирање на нови велосипеди за лица од социјален ризик и двојно зголемување на надоместокот за личните и образовните асистенти на децата – средношколци со попреченост  кои што се веќе втора година се реализираат.

Како дојдовте до идеја  да набавите инсулински термоси за децата со дијабетес во градот Скопје, за што поточно се работи?

К.Ј: Идејата која што беше едногласно прифатена од сите членови, дојде на средба со претставник од здружението за дијабетичари која што ја одржавме со Комисијата за заштита на правата на пациентите.

Лицата со дијабетес, исто како и останатите пациенти покрај борбата со болеста, мора да се борат и со системот, кој очигледно наместо да им го олеснува секојднeвниот живот и борбата која што ја водат, за жал дополнително им отежнува.Сетете се само дека лицата со дијабетес беа оставени 7 месеци без инсулин, што е недозволиво. Токму поради овие предизвици решивме во рамките на нашите надлежности, да им помогнеме на децата со дијабетес со набавка на овие инсулински термоси кои барем малку  ќе им го олеснат секојдневниот живот.

Иако бирократските процедури се прилично долги, а процесот на набавка сложен, сепак на мое огромно задоволство овој проект целосно се реализираше и термосите веќе стигнаа до дечињата на кои што им се потребни.

Кои се вашите стратегии за обезбедување на пристапни рампи, лифтови и паркинзи за инвалидите во сите јавни објекти и површини? Како планирате да ги подобрите условите за лицата со попреченост во нашето општество доколку станете пратеник?

К.Ј: Пратениците имаат надлежност да носат законски решенија кои што доколку се изгласаат во Собранието на РМ, потоа Министерството за труд и социјална политика како извршен орган треба да ги реализира.

За  дел од овие проблеми кои што ги набројавте има законски решенија, но проблем е реализиацијата на истите, неа  или ја нема или и е со прилично слаб квалитет и затоа во законодавниот дом ќе се фокусираме да понудиме нови законски решенија, таму каде што тоа е потребно, но и на мониторнигот на нивната реализацијата.

Кои ќе бидат вашите првични акции како пратеничка за подобрување на стандардот на пензионерите доколку станете пратеник?

К.Ј: Левица ги подржа пензионеритe на сите проетести кои што ги имаше многу во изминатиот период. Жално е што поголем дел од пензионерите со пензиите кои што ги зимаат не можат ниту лекови да си купат, камо ли да го преживеат месецот.

Затоа во предизборната програма на Левица опфативме многу мерки кои што се однесуваат на пензионерите.

Пред се тоа е линеарно зголемување на пензиите од 5.000 денари, утврдување на минимална пензија во висина од 2/3 од просечната плата, нови државни пензионерски домови, намалување на старосната граница за одење во пензија: возраст од 60 години – за жени и 62 години – за мажи…

Кои мерки ги предлагате за подобрување на статусот  на лицата со попреченост и како ќе се обезбедат средства за нив?

К.Ј: – Исто како и пензионерите, Левица ги подржа лицата со попреченост во сите нивни барања, за кои што оваа власт немаше слух. Лицата со попреченост со децении се маргинализирани од општеството, кое што  наместо да ги инклузира ги отфрла од системот.

– Двојно зголемување на посебните парични додатоци на лицата со попреченост, а кои се однесуваат за:
– туѓа нега од трето лице и мобилност;
– глувост и слепост;
– деца со попреченост
– Задолжително вработување по еден толкувач на знаковен јазик за глуви,неми и гловонеми лица во сите централни државни и јавни институции
– Зголемена литература со Брајево писмо за слепите лица во библиотеките,и зголемување на неговата употреба во трговијата и секојдневниот живот (пр. метални, стаклени и пластични амбалажи со ова писмо). 
– Зголемување на износот на надоместокот на плата за користење на флексибилно, т.е. скратено работно време – за родителите на лицата со посебни потреби.
– Овозможување на стекнување предвремено право на пензија за родителите на лицата со посебни потреби 
– Изготвување електронски Регистар на лицата со попреченост

Ова е само дел од мерките ко што се предвидени во предизборната програма на Левица. Целосната програма може да ја прочитате на овој линк.