АктуелноЛокално

Мустафаоглу: Политичарите ја потценуваат храброста, свесноста и решителноста на младите

  • Говор на Дарја Мустафаоглу – Член на Црвена Младина и кандидат за пратеник во изборна единица 2 од Левица

Можеби сега, ме гледаат млада, си велат неискусна… Што знае за животот девојчево, па уште во партија и политички води се внурнала?! Ја потценуваат перцепцијата, храброста, свесноста и решителноста на младите!

Младите посредно и непосредно ги искусваат сите лоши политики на искусниве политичари. Ние младите сме најизложени жртвени јагниња на овој корумпиран систем. Нам духот ни го уништуваат, младоста ни ја одземаат одлуките на шаблонските политичари.

Се менува една гарнитура – доаѓа друга, а проблемите се исти и сѐ уште присутни.
Сѐ уште нѐ горат солзите на нашите родители, сѐ уште ги гледаме како се разболуваат поради притисоци/неправди на работните места; како загрижено размислуваат за иднината на нивните деца и се јадат што не можат да ни обезбедат попристоен и спокоен живот.

Младите губат браќа, сестри, пријатели коишто спасот го нашле во туѓина. Младите сѐ уште не можат да најдат работно место соодветно на нивните квалификации; Сѐ уште мораат да работат и по 2-3 работи за да си обезбедат високо образование; Сѐ уште мораат да бркаат врски или да се потчинат за да го добијат она што им следува.

Овие искусни политичари работат на тоа младите да ги направат апатични, да ги угнетат, да изгубат секаква надеж, да изгубат верба дека нештата можат да бидат подобри, да изгубат верба дека спасот може да се најде и во Македонија, а не само во друга држава. Направија да почне на младиот човек да му се гади и од образование, да се мисли дали вреди да си образован во оваа држава.
…За сѐ сме свесни, ги знам проблемите и причината за оваа колективна депресија бидејќи директно и индиректно сум поминувала и поминувам низ овие темнини предизвикани од овие политички елити. Но, наместо препуштање на депресијата, одлучувам да бидам дел од екипата која одбива да биде нем набљудувач и одлучува да го промени веќе познатото сценарио скроено за Македонија и македонскиот народ.

Мене ми е повеќе од јасно дека младиот човек не сака да биде манипулиран, па најсигурна опција му е да биде безнадежен, да не очекува ништо подобро, ништо поразлично, никаква промена… Но, до каде така? Ваков систем ли треба да им оставиме на нашите деца и идни генерации? И тие ли ќе треба да ги трпат истите проблеми?
Не заборавајте, не постојат безнадежни ситуации – постојат безнадежни луѓе.
Впрочем срамно и крајно себично е да седиме со вкрстени раце, кога млади на мое годиште, а и помлади, со крв и по цена на живот се бореле во далеку потешки услови за да ни остане ова парче земја… за слобода на народот.

Иако многу наши пријатели се раселија, во Македонија нѐ има во доволен број за да го срушиме статус квото и да ја преземеме сегашноста и иднината во наши раце. Од тоа се плашат, затоа системски работат на воспоставување на сѐ подлабока депресија и апатија. Ние не смееме да им удоволиме со покореност!
Доста ни е од шаблонски манипулатор, лица со ист наратив, идентична цел – цел за лично богатење и изживување со овој народ.

Од другастрана пак, периодов до мене стигаат информации дека активисти и функционери од ДПМНЕ/СДС оделе од врата до врата за да им кажуваат на луѓето како Амар и јас не сме биле Македонци и не можело да се очекува патриотизам од нас.
Нивниот непатриотизам и предавнички елан му е веќе познат на народот, затоа како одговор на нивните бедни наративи, само ќе го цитирам Назим Хикмет:

„Да, јас сум предавник,
ако сте вие патриоти,
ако сте вие татковински бранители?!
Тогаш јас сум душман татковински,
јас сум п р е д а в н и к!
Ако Татковината се вашите чифлизи,
ако во вашите сефови и во вашите банкарски сметки
е патриотизмот,
ако Татковината е умирање од глад покрај патот,
ако цицањето на нашата крв во вашите фабрики
е патриотизам,
ако патриотизам се канџите на нашите газди,
ако патриотизам е образование со копје,
ако вашите трошоци и бонуси се патриотизам,
ако патриотизмот се американските бази, бомби и проектили,
ако патриотизмот не е ослободување од смрдливото наше незнаење,
тогаш – јас сум предавник.
Напишете во три реда, болдирано со катран црно кое блеска:
„Назим Хикмет
сè уште продолжува
да биде предавник“!“