АктуелноЛокално

Програма на проф. Билјана Ванковска-Цветковска

Почитувани Македонци, почитувани сонародници

Ви се обраќам во духот на Крушевската република и на АСНОМ, како на драги комшии, пријатели и познајници, без разлика на вера, народност, пол, класно потекло и политички убедувања! Мојата порака до вас ги надминува сите делби кои ни ги наметнуваат со години. Сите што сме родени во Македонија или што се расеани како бисери ширум светот, не можеме да бидеме друго освен Македонци во политичка смисла на зборот, како и делови на онаа иста татковина чии државни темели се удрени на заседанието на АСНОМ. Ние сме она што преостана во оваа земја и од оваа нација, која или ќе се дигне на нозе или ќе потоне. Пред длабокиот амбис ископан од лажните месии и лидери, народот нема друг излез освен да си подаде рака за заемна помош, за спас на татковината и за идните генерации.

Пред повеќе од 120 години, славните илинденци тргнаа во решителна битка за слобода. Рекоа: доста е, веќе не се трпи „тиранијата на жедните за крв и гладните за човечко месо … што гледаат и нас и вас да нè дотераат до нож, и нас и вас да нè дотераат до питачки стап“. Нивните зборови за Македонија која прилега на пуста пустина се болно точни и денес. Некадарници и ненаситни го поделија народот, се збогатија експлоатирајќи го неговиот труд и националните богатства. Запустија мала и убава земја за која животите ги положија нашите предци, комитите и партизаните.

Сега страдаме од божемната „наша власт“, која ги згази не само постигањата од минатото туку се однесува како внатрешен окупатор. Ни ја одзеде не само живејачката и волјата за напредување, туку и надежта. Нè ограбија, ни ја згазија честа, го продадоа најсветото, ни ги отселија најдрагите. Подготвени се да го запустат и последното парче плодна почва, воздухот го направија отровен, а последната капка вода сакаат да ја продадат на јабанџии. Сè ни одземаа – освен душата. И неа ли ќе им ја дадеме?

Не! Нема тивко да заминеме во ноќта. Нема предавање без борба!