Разговор со Живко Грозданоски авторот на „Писмо за Глорија“ во Градска библиотека „Браќа Миладиновци“-Скопје

Во среда 3 април со почеток од 19 часот во Градска библиотека „Браќа Миладиновци“-Скопје- спомен соба Т’га за југ ќе се одржи Разговор со авторот Живко Гроздановски за книгата „Писмо за Глорија“.

Разговорот со Грозданоски ќе го води книжевната критичарка Александра Јуруковска, а фрагменти од делото ќе чита актерот Андреј Серафимовски.

„Писмо за Глорија“ е книга на месецот во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“-Скопје во кампањата „Читаме современи македонски автори“.
Во „Писмо за Глорија“ процесот на пишување е еден вид терапија, па книгата отвора важни прашања и за себеприфаќањето.
Овој роман е еклатантен пример за тоа како (авто)фикцијата може да биде книга за себеосознавање, себесоочување и самопомош преку клучот и лавиринтите што тој ни го отвора низ бескрајните предели на убавата литература – вели Фросина Пармаковска во освртот кон романот.
Живко Грозданоски е роден во 1986 година во Кичево. Основно училиште завршил во Бигор Доленци и во Кичево, средно во Скопје. Дипломирал на Катедрата по италијански јазик и книжевност. Пишува проза и книжевност за деца. Неговите кратки раскази се преведени на десетина јазици, а неговите романи се преведени на бугарски („Куфер за тројца“, „Или-или“, 2014) и на италијански („Последното име на иднината“, „Антолог“, 2018). Преведува и препејува од и на италијански јазик.