Отворена изложбата „Македонија низ магијата на фотообјективот“

Oригинални разгледници од збирката на Музејот на Македонија и оригинални фотографии од Македонија од 1891 од европски познатиот зоолог д-р Рудолф Штурани, содржи изложбата „Македонија низ магијата на фотообјективот“ која се отвори деновиве во Музејот. Поставката содржи 56 фотографии од  Штурани и 133 разгледници од повеќе градови во Македонија, а автори на изложбата се Боро Бунтески и Анета Попантоска.

Авторите велат дека Штурани работел како кустос и дворски советник во Природонаучниот дворски музеј во Виена (денес Природонаучен музеј). Штурани заедно со светски познатиот зоолог д-р Франц Штајндахнер, во 1891 ја посетил Македонија, за да ги проучува акватичните гастроподи во македонските езера.

„Д-р Штурани е првиот научник кој укажува на огромното значење на езерата во Македонија и на нивниот реликтен карактер, пред сѐ на Охридското Езеро, опишувајќи неколку нови реликтно-ендемични видови. Првите резултати од своите истражувања ги објавил во 1894. Благодарение на д-р Штурани и на неговиот ментор, д-р Штајндахнер, кој прв во науката ги опишал ендемичните видови риби во нашата држава, Македонија е веќе промовирана во европските научни кругови како сѐ уште неистражено подрачје со огромен фаунистички диверзитет“, велат Бунтески и Попантоска, додавајќи дека на оваа изложба за првпат пред македонската јавност се претставени оригинални фотографии од овој познат австриски научник.