АктуелноЛокално

Online-промоција на романот „Лекцијата на месечарот“ од Фредерико Педреира

Раскошниот автобиографски роман „Лекцијата на месечарот“, од португалскиот писател Фредерико Педреира, ќе биде претставен пред македонската публика со онлајн-промоција, која ќе се одржи утре (29 март), со почеток во 19 часот. Во разговорот со авторот, кој ќе може да се проследи на  фејсбук-страницата на „Арс Ламина“, ќе се вклучат уредничката Бисера Бендевска и преведувачката од португалски јазик, Весела Моловска.

Книгата е дел едиција „Порта Европа“, во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“. Дизајнот на корицата е дело на дизајнерката Катерина Соколова, чиешто идејно решение беше избрано за победничко на конкурсот за млади дизајнери во рамките на проектот „Порта Европа“.

„Лекцијата на месечарот“ е приказна за форматирањето на личноста на нараторот уште како дете, кое долгите летни распусти ги поминува во домот на своите баба и дедо, во митската „зелена куќа“, преполна спомени и предмети од предците што имаат света важност за него. Опседнатоста со бескрајното гледање на видеоснимката од финалето во Купот на европските шампиони во фудбал, помеѓу Милан и Бенфика во 1990 година, и деноноќното шутирање во замислениот гол во дворот, ја заменува со бедемите книги во библиотеката на неговиот прадедо, инаку личен пријател со Фернандо Песоа. Токму откривањето на чудесниот свет на книгите ќе го определат неговиот младешки пат и студиите по книжевност во странство. Далеку од детството и од „зелената куќа“, младиот човек првпат ќе ја преиспитува својата припадност во новата средина и идејата за космополитизмот. А, таму… го чека нова приказна.

Фредерико Педреира е роден во 1983 година, во Лисабон. Студира во Португалија и во Велика Британија, каде што се здобива со магистерска диплома на Универзитетот „Ројал Холовеј“ во Лондон. Завршува докторски студии по книжевна теорија на Универзитетот во Лисабон. Работи неколку професии: новинар, преведувач и книжар. Има објавено десетина книги: шест поетски збирки, два романа, книга со кратки раскази и збирка есеи. Преведува дела од Јејтс, Луиз Глик, Честертон, Орвел, Дикенс, Свифт, Велс, Харди, Банвил и Вирџинија Вулф. Во 2021 година ја добива книжевната награда на Европската унија за романот „Лекцијата на месечарот“. Неговото поле на интерес вклучува филозофија на јазикот, книжевна критика, скептицизам, перцепција, филозофите Лудвиг Витгенштајн и Стенли Кавел и критичарот на уметноста Мајкл Фрид.

„Лекцијата на месечарот“ е дел од проектот „Порта Европа“ во чии рамки се објавени шест извонредни прозни остварувања од млади европски автори, добитници на Европската награда за книжевност што ја доделува Европската унија.