АктуелноЛокалноНастани

Со свој камен по глава или како санкциите кон Русија го уништуваат македонското производство

Македонската метална и металопреработувачка индустрија се соочува со потешкотии, како последица на неможноста веќе да се купува евтина суровина од Русија, додека земјите како Србија и Турција кои немаат санкции кон Русија, слободно увезуваат метална суровина од руско потекло. Најмногу се погодени погоните кои работат со трудоинтензивни и нископрофитабилни дејности

Од велешката фабрика „БРАКО“, најголемиот производител на жица во Југоисточна Европа, велат дека се соочуваат со проблем само во една програма – производството на жица, додека високотехнолошките производи, како возилата за чистење, медицинска опрема и големи метални конструкции, работат одлично.

„Српската и турската готова жица и производи од жица се продаваат на пазарот по цена која е пониска и од самата наша суровина која ние ја купуваме за да произведеме жица. Тие и натаму купуваат од Русија, ние мораме да купуваме од Италија, Грција и од Босна, од тамошните железари, кои се поскапи. Со таква конкуренција не може да се борите. Во ‚БРАКО’ веќе е неисплатливо да се произведува жица, и ќе продолжиме да произведуваме само високотехнолошки производи со висока додадена вредност“, вели Орце Давчев од БРАКО, кој е и претседател на Здружението за метална и електро индустрија при Стопанската Комора.

 Дури 98 отсто од производите „БРАКО“ ги продава на пазарот во Западна Европа и во САД, но и низ целиот свет во вкупно 60 држави.

Тешкотии поради затворање на Русија како извор на евтина метална суровина имаат и во фабриката за цевки „Металопромет“ од Струмица. Од таму велат дека се обидуваат да го реорганизираат производството, да ги намалат фиксните трошоци и да се зголеми продуктивноста на вработените, за да се компензира разликата во набавна цена на поскапата суровина.

„Разговараме меѓу нас во овој дел на индустријата, сите имаме потешкотии, но тоа се државни санкции, на европско ниво и државата мора да се придржува до нив. Но, ние имаме сознанија дека има железари во Европа кои и натаму купуваат руска суровина, и покрај санкциите, и тоа е практично нелојална конуренција. А од нас на европскиот пазар се бара да дадеме изјава дека нашите производи немаат руско потекло, има квоти за некои производи од Македонија, како што е жица, и се бараат CO2 сертификати“, велат од компанијата „Металопромет.

Ацо Поповски од АД „Железник“ од Демир Хисар, произведувач на метални машински елементи, смета дека сите фабрики во Македонија се погодени од неможноста да дојдат до поевтина суровина: од Русија поради санкциите, а од Украина поради војната на нејзината територија.

„Сите сме во истиот проблем, а сме поврзани едни со други. Нашите клиенти бараат да платат после 90 дена, а ние не можеме да кажеме цена од сега за по три месеци, затоа што цените се менуваат, суровините се качуваат. Ние, на пример, купуваме отпадно железо од ‚БРАКО’ за преработување. Ако тие купиле поскапа суровина, и отпадот ќе биде поскап“, вели Петровски од АД „Железник“, кој е и претседател на Здружението за металургија при Стопанската Комора.

Од македонската метална индустрија велат и дека проблем е тоа што дел од конкуренцијата е лоцирана на море и имаат пристап на пристаништа како Драч и Солун, поради што транспортните трошоци им се помали, во споредба со камионскиот транспорт кој сочинува значаен дел цената на суровината, кој за нас е единствено достапен при недостиг на железница, а проблем направија и квотите за извоз во ЕУ. 

Македонските фабрики се соочуваат и со недостиг на работна сила, пред се заварувачи и оператори на ЦНЦ машини, и се повеќе се одлучуваат за увоз на работници од Пакистан, Шри Ланка и други земји.