Реиздадена книгата „Дневникот на Страшо“

Наставничките Розета Дулевска и Анета Ѓорѓиевска од скопското основно училиште „Страшо Пинџур“ од Ѓорче Петров, ја реиздадоа книгата „Дневникот на Страшо“, која за првпат излезе во 1976. Книгата ја напишал самиот народен херој, а Дулевска и Ангеловска ја реиздале со оригинални фотографии од Страшо Пинџур кои им ги позајмила неговата тетка Магдалена Петреска.

„Како форма, ‘Дневникот на Страшо’ e налик на ‘Дневникот на Ана Франк’, а содржи датуми од животот на Пинџур, од неговата младост. Главната причина за реиздавање на ‘Дневникот’ е што во училишната библиотека имавме само една книга и сакавме да го зголемиме бројот. Затоа и работевме под мотото ‘Од една до сто и една’ и успеавме да испечатиме 101 книга“, велат Дулевска и Ѓорѓиевска, кои книгата ја користат на нивните часови, кога според наставните програми ги обработуваат формата на дневникот и неговата структура.

„Уште побитно за нас е што оваа книга е извор на цитати кои ги користиме при чествување на нашиот патрон. Учениците со нетрпение го дочекаа ова издание и сакаат да го читаат бидејќи е за раната младост на авторот и опфаќа многу поучни мисли за животот, татковината и за љубовта. И со збогатувањето на фондот во библиотеката, во исто време можат да ја читаат повеќе ученици“, велат наставничките, кои книгата ја издале без помош од ниту една институција.

Печатењето на книгата е финансирано од, како што велат, општествено одговорна компанија, а Дулевска и Ѓорѓиевска се уредници и издавачи. Книгата не е за продажба поради немање доволно финансии да испечатат повеќе примероци и засега се користи само во училишната библиотека. Технични уредник на книгата е Никола Сарафимов, студент на ФИНКИ. (текстот е превземен од СМАРТ.СДК.МК)