Апасиев: Со Преспанскиот и Бугарскиот договор ни се одзеде правото на сопствен историски наратив и тоа е удар врз идентитетот

  • Во продолжение ви го презентираме интегралниот дел од интервјуто на претседателот на Левица – Димитар Апасиев во подкастот „ЗаСе”.

„Во однос на историјата, сите држави, вклучително и балканските, си имаат сопствена историска нарација. Само нас ни е одземено правото, со Преспанскиот договор и со таканаречениот Договор за добрососедство со Бугарија, да имаме свој сопствен историски нарататив. И тоа е удар врз идентитетот, но тоа го направија недоквакани политичари и ние како нова генерација политичари, тоа ќе мораме да го исправиме. 

Политичкиот активизам кој го започнавме како чисто левичарење, наместо мејнстримот на СДС, мислам дека конечно ги дава првите плодови. Наредните пролетни избори ќе бидат изборите кога Левица, односно децата на транзицијата, ќе им пресуди на оние кои ги доведоа до тоа дереџе. 

Ние сме општество каде повеќе од половина луѓе живеат со 1 долар на ден, додека една четвртина од децата во школска возраст имаат по еден родител кој не работи. Тоа се страшни егзистенцијални трауми кои ни ги ставаме под тепих, а многу влијаат врз насочувањето на младите. Сиромаштијата го разјадува здравото општество. Тоа е најголемата болест на 21-виот век. Налет да е такво општество каде се зголемува GDP, се зголемува богатството на малкумина, а мнозинството 99% остануваат сиромашни. Тој систем нема перспектива и тоа општество е нездраво општество.

Неолибералната логика оди до таму дека се треба да се приватизира, да се монетизира. Ние со Крмов блокиравме и закон за приватизација на брзата помош. Тоа е концепт на неолиберализмот, кој потекнува од времето на Реган и Маргарет Тачер – дека сѐ треба да се фрли на приватен бизнис и дека јавните добра стануваат “клубски” добра. Што значи клуб? Клуб е приватна забава, „ако платиш влезница, ќе те пуштиме. Ако не платиш, нема да те пуштиме.” Така и ова, ако платиш,ќе ти ставиме инфузија. Ако не платиш, ќе умреш како куче. Како што умираат во Америка, две третини од луѓето немаат здравствено осигурување. Така да, концептот на социјална држава тие го урнисаа. Тоа беше европски модел, кој според мене солидно функционираше. Но, сега имаме див капитализам, каде секој на секому му е волк и гледа како да преживее. Затоа, ние имаме идоли на мафијаши, на луѓе кои ја зезнале државата и тие ни се репери. Младиве кои се паметни, кои се иделисти, кои сакаат добро, гледаат дека такви битанги тука виреат и си ги пакуваат куферите и си одат.