На стотици илјади граѓани им е оневозможено или гласачкото право или правото на движење

Проф. Билјана Ванковска гостуваше на ЕМ телевизија, а ние ви ги пренесуваме главните поенти од интервјуто.

“Јас и Левица се најдовме на иста бранова должина… “– изјави Ванковска, на прашањето: Зошто токму Левица? “Она што јас сум го пласирала како мои позиции, уверувања, вредносен систем, и тоа што тие на организиран начин како политичка партија го правеа, доведе до точка на спојување кај овие избори.”

“…Задоволна сум од коректноста, подготвеноста да помогнат и љубезноста на вработените во ДИК, меѓутоа не може а да не се забележат руинираните канцеларии во последниве десет години, кои се само слика на државата која се распаѓа. Исто така, ништо во самата логика на изборниот процес не е направено да се демократизира, да се олесни, и да се модернизира…Има земји каде што и самото гласање е електронско, а не собирањето потписи”. Проф. Ванковска не го изостави и болниот факт дека и дијаспората е оневозможена да се приклучи во овој дел од процесот.

Немањето нови документи за гласање е тешка дамка… На стотици илјади граѓани им е оневозможено или гласачкото право или правото на движење …Гледано од страна, може да се каже дека овој процес е нефер, од самиот старт.” Проф. Ванковска забележува дека самиот процес почнува со еден тежок минус за државната структура, освен ако не се работи за некаков инжињеринг. “Не сакам да верувам дека некој намерно сакал одредена популација да не може да гласа, а една друга популација, за која еден од кандидатите за претседател, кој е министер за надворешни работи, отиде лично да се погрижи да одредена категорија на граѓани во странство добие по брза постапка документи за да можат да гласаат”.

Проф. Ванковска отворено зборува за Преспанскиот договор, Охридскиот и Договорот за добрососедство со Бугарија, и го потенцира фактот дека овие договори се еден сплет на околности, кои практично ја удавија македонската државност. “Јас ги нарекувам Бермудски Триаголник, во кој македонската државност потона”. – вели Проф. Ванковска. “Тие го уништија Уставот, ни оневозможија да имаме сопствен Устав како суверена нација, како граѓани кои ќе си ја скројат својата политичка заедница и судбина, без мешање од надвор… Ако до пред некоја година велеа дека сме заробена држава, сега изгледа дека сме окупирана држава, или држава во изумирање, ако не се избориме.”

Проф. Ванковска потврди дека на овие избори политичките партии ќе влијаат многу на ставовите на нивните претседателски кандидати, од проста причина што имаме паралелни избори, и според аналитичарите, резултатите од првиот круг на претседателски избори ќе има ефект на гласачкото тело и врз т.н. “коалициски капацитет”.

“Тоа значи, тие калкулираат со своите кандидати како со паричка за поткусурување во една поважна игра, а тоа е формирањето на влада… Тоа не е случај со мене. Јас имам слобода да бидам тоа што сум и  да ги ги изнесувам моите ставови….Мислам дека сме добра комбинација со Левица и со лидерот Апасиев, кој јас сега првпат забележувам колку младата популација го поддржува и гледа во него некој свој херој”.

Не очекувам фер изборна кампања”, -потврди проф. Ванковска. – “Зошто во стартот сме врзани. Едните трчаат со сто метри предност, и со моќ во вид на мејнстрим медиуми, национални телевизии, во кои едноставно или нема да ве поканат или ќе ве поканат само поради минутажа и соочувањата. Меѓутоа, Апасиев не е поканет со години. Едноставно му е забрането да влезе во некои телевизии. Ние тука стартуваме со огромен хендикеп, затоа што во политиката комуникацијата е важна.