Мојсоска: Системски се шири пропагандата дека и бугарската армија учествувала во ослободувањето на Македонија
Бидејќи ова се времиња како се ревидира антифашистичката историја (и локално и глобално), во продолжение историски податок за “учеството” на бугарската армија против германскиот окупатор во Втората светска војна. Особено во времиња кога системски се шири пропагандата дека и бугарската армија учествувала во ослободувањето на Македонија, со цел да се релативизира нејзиниот придонес во фашистичката оска, вели Јована Мојсоска од Левица.
Трагично е што и лидерите на двете најголеми партии не гледаат опасност од вметнувањето на Бугарите во Уставот и ова прашање го третираат изолирано од историскиот контекст, каде официјалната политика на Бугарија седум децении (освен во времето на Георги Димитров) – системски го негира постоењето на македонската нација.
,,Кога се воспостави на 9. септември 1944 година отечественофронтовската власт во Бугарија, владата на Отечествениот фронт им издаде директива на единиците од дотогашната Петта окупациска армија во Македонија, заедно со единиците на Народноослободителната војска на Југославија, да стапат во борба против Германците.
Меѓутоа, старешините на единиците на Петтата армија ја продолжија соработката со Германците. Генералот Поп-Димитров стапи во Скопје во контакт со германскиот командант за Македонија, генералот Шојерлен и почна преговори за повлекување на Петтата армија кон Бугарија. Поп-Димитров му објасни на Шојерлен дека објавувањето на војна против Бугарија е ,,СИМБОЛИЧНО”. Се спогодија бугарските единици да не преземаат никакви дејства против Германците, туку по предавањето на гарнизоните на Германците, да се повлечат во Бугарија.
…По повлекувањето на разоружаните дивизии во почетокот на октомври, Петтата армија беше расформирана, неистрелувајќи ни куршум против германскиот окупатор при повлекувањето за Бугарија.”