Ибе Паликуќа – жената борец
На 23 септември, 1944 година во с. Премка Кичевско, загина Дебарчанката Ибе Паликуќа. Жена Борец, Народен Херој од НОБ.
Додека престојува во селото Броштица таа дознава за повторното потпаѓање на Дебар во рацете на фашистичкиот окупатор. Тука се приклучува на партизанската единица на Хасан Љума и со пушка в рацете ја продолжува борбата за слобода.
„Ја видов како носи голема торба полна со митралеска муниција. Онака малечка, од тежината на торбата уште повеќе се смалила. Не вредеше што ѝ говорев торбата да му ја даде на некој друг, дека има поснажни од неа. Таа едноставно одговараше – „јас сега немам друга работа, никаква должност. Тогаш зошто да не носам?”, се сеќава борецот Мети Крлиу.
Откако добиле директива да сите борци се вратат во своите реони, Ибе Паликуќа со своите соборки облечени како селанки успеале да се вратат во поново окупираниот Дебар, каде ја продолжиле илегалната партиска работа. Поради отежнатите услови за функционирањ, Ибе Паликуќа заедно со мајка си го напуштаат Дебар и одат во селото Ковачица каде што имале роднини. Таа тука се приклучува повторно во воените борби како член на Шестата македонско-албанска народноослободителна бригада на НОВЈ. Од формирањето, оваа бригада е во постојана борба со балистите. Балистите се потпомагани од Германците, кои ги снабдуваат со тешко вооружување.
Во една таква борба на периферијата на Кичево на 20 септември 1944 година, при пробивот на партизаните таа е во последната група кога добива и прострелна рана. За последните моменти од нејзиниот живот сведочеше нејзината другарка Вера Богданоска
„Се повлекувавме и пукавме на балистите. И тогаш, во еден момент, од својата десна страна, во непосредна близина чув пукот на рафал од машинка. Во моментот здогледав дека во жбунот лежи Ибе и дека тоа таа пука од својот шмајзер. Со кратки, па со долги рафали. Прискокнав до неа и реков:
-Ибе, ајде, сите се повлекувавме, таква е наредбата…
-Ти оди, јас не можам, рече Ибе
-Зошто не можеш?
-Ранета сум… Само тоа го рече и продолжи да пука од шмајзерот.
Видов крв на нејзината униформа… тешко е ранета во пределот на стомакот. И реков:
Ибе, ајде, јас ќе ти помогнам
Не, останувам. Некој треба да ја држи отстапницата на баталјонот, да го штити. Подобро овде да останам, инаку нема долго…
Никогаш нема да го заборавам погледот на Ибе во тој момент, беше решителна да не се помрдне од тоа место. За секунда очите и засветкаа, со оној нејзин чудесен сјај. Потоа уште порешително рече:
Те молам, оди, само дај ми го шаржерот…
По последниот куршум балистите ја заробија, а дури и тие крвници го почитуваа нејзиното јунаштво кое прерасна во легенда. Некој од нив нареди да ја остават и покријат со нешто” – се присетуваше Вера Богданоска.
Ја однесоа во домот на оџата од село Шутово. Ја оставија спокојно да умре. Почина по два дена, на 22 септември 1944 година на само 17 годишна возраст… Иако не дочека да се ослободи од зарот и фереџето, нејзините соборци победувајќи го фашистичкиот непријател се изборија за целите и идеалите за кои го даде својот живот.
На 8 октомври 1954 година беше прогласена за Народен херој на Југославија. Во сеќавање на Ибе Паликуќа…