АктуелноЛокалноНастани

Инспекторатот ја затвори амбулантата на Бехтел и Енка

Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) ѝ издал забрана за работа на болницата Санте Плус 2 во Гостивар, бидејќи без решение за вршење здравствена дејност издадено од Министерство за здравство склучила договор со Бехтел и Енка за да ги лечи вработените во овој конзорциум во просторија која немала соодветни услови за тоа, а била означена како амбуланта. Бехтел и Енка е американско-турски конзорциум кој гради дел од автопатиштата во Македонија долж коридорите 8 и 10д.

На 28 февруари годинава, Инспекторатот извршил вонреден инспекциски надзор по поднесена писмена преставка од страна на докторот А. И. во која претставка било наведено дека во несоодветна просторија сопственост на конзорциумот Бехтел и Енка се вршеле прегледи иако не постоеле услови за тоа. Во моментот на надзорот затекната била медицинска опрема, лекови, потрошен медицински материјал и медицински отпад од извршени медицински интервенции, инфузии, шприцеви.

„При надзорот извршен е увид во просторијата, сопственост на Бехтел и Енка. Во просторијата со вкупна површина од 13 метри квадратни, означена како амбуланта, се врши здравствена дејност. При надзорот беше присутно и одговорното лице во Бехтел Енка М. К. кој изјави дека фирмата има склучено договор со ПЗУ Санте плус од Скопје за обезбедување на здравствени работници и здравствени услуги  за потребите на Бехтел и Енка. Даден е на увид договорот во кој се наведени здравствените услуги кои Санте плус 2 требало да ги реализира за потребите на Бехтел и Енка. При надзорот дадена е на увид и диплома за завршен Медицински факултет при Државен универзитет Тетово за докторот Ќ.Б. и образец за заснован работен однос за медицинска сестра во Санте плус 2“, соопштија од Инспекторатот.

Оттаму информираа дека тимот секојдневно доѓал во посочената просторија и пружал здравствени услуги на вработените во Бехтел и Енка.