Судбината на палестинските цивили во рацете на агентите од Мосад и од ЦИА
Израелскиот воен кабинет испрати преговарачки тим на преговри во Париз. Тимот ќе го предводи шефот на Мосад, Дејвид Барнеа. Ќе се разговара за потенцијално примирје и ослободување на заложниците, пренесува Си-ен-ен.
На средбата доаѓаат и шефот на ЦИА, Бил Брнс и претставници од Египет и Катар.
Одлуката да дојде на преговори израелскиот воен кабинет ја донесе вчера во текот на ноќта, откако американскиот координатор за Блискиот Исток, Брет Мекгурк се сретна со израелските лидери, меѓу кои и со премиерот Нетанјаху. Израелски функционер изјави дека владата чека потврда дека на заложниците во Газа им биле дадени лекови, по што решиле да се вратат на преговарачката маса.
Израел се заканува со офанзива во Рафах, дом на над милион палестински бегалци. Водачите на Хамас оваа недела разговараа со египетските власти кои се обидуваа да ги помират двете страни. Сепак, Нетанјаху ги нарече предлозите на Хамас „заблуди“.
Првиот договор за ослободување на заложниците беше постигнат во ноември. Оттогаш поминаа три месеци и во Газа има се повеќе цивилни жртви. Расте и меѓународната осуда на операциите во Газа и притисокот врз администрацијата на Бајден да стави крај на војната.
Израел предупреди дека доколку не се постигне договор за заложниците до почетокот на Рамазан (10 март), ќе започне офанзива на Рафах. Во моментов во градот има 1,5 милиони луѓе кои се затворени во шатори и немаат храна, вода и лекови.
Речиси сите болници во Газа се затворени или под опсада. Во болницата Насер во Кан Јунис, лекар опишал „очајна и катастрофална“ ситуација без струја, кислород, греење и едвај храна или вода. Според информациите на Министерството за здравство во Газа, во израелските напади оваа недела загинале 118 Палестинци.