АктуелноЛокално

Традиционалната културна манифестација „Прличеви Беседи“ ќе започне во сабота во Охрид

Со бројни настани и оваа година ќе бидат одбележани ликот и делото на Григор Прличев. Традиционалната културна манифестација „Прличеви Беседи“ ќе започне во сабота, 3 февруари со поетски караван: „Добри гости“- Серија книжевни гостувања низ Македонија, со почеток во 18 часот во кафе бар „Шила“.

Во понеделник, 5 февруари, од 11.45 часот ќе биде поставена изложба на ликовни дела од колекцијата на НУЦК „Григор Прличев“ во изложбениот салон, додека од 12 часот ќе се одржи Свеченоста посветена на лауреатот на наградата „Григор Прличев“.

Во рамки на истата предвиден е настап на хорот при НУЦК „Григор Прличев”- Охрид, претставување на наградената поема: “ДЕНЕС”, артистичка изведба на поемата: „ДЕНЕС”, врачување на Повелбата за најдобра поема за 2023 и свечено обраќање на лауреатот Славе Ѓорѓо Димоски.

На 6 февруари во 10.00 часот ќе биде положено цвеќе пред споменикот на Григор Прличев во училишниот двор на ООУ „Григор Прличев“, во  10.30 часот предвидени се панихида и полагање на цвеќе на гробот на Григор Прличев во близина на црквата Св. Богородица – Перивлепта.

Во 11 часот во Спомен куќата на Григор Прличев ќе се одржи настанот „Стихови и звуци за Прличев“ во рамки на кои ќе биде изведена песната „1762 лето“ – Митко Кољушевски и Венко Пашовски, ќе бидат врачени два примерока од книгата „Гоце Делчев“ од Ванчо Николески, отпечатена во Брајово писмо, на НУ Библиотека „Григор Прличев“ и Здружението за слепи лица од Охрид, како и наградите на провонаградените литературни творби на Литературниот конкурс на ООУ „Григор Прличев“.

Потоа ќе следи читање на наградените литературни творби и промоција на книгата „Охридски поети“ од проф.д-р Димитар Пандев и Славе Ѓорѓо Димоски.

Во 12.30 часот предвидено е полагање лавров венец и цвеќе пред спомен – бистата на Прличев пред НУ Библиотека „Григор Прличев“.

Во 13 часот во НУ Библиотека „Григор Прличев“ (Прличева одаја) ќе се одржи „Охридска визита“ во рамки на која беседа за поетот и преродбеник Прличев ќе одржи проф. д-р Елизабета Шелева, по што ќе следи прогласување на добитникот на наградата за најдобра беседа во чест на Прличев за 2024 од распишаниот конкурс: „Како против пизмата?“, обраќање на добитникот на наградата и културно – уметнича програма.

Програмата се заокружува со свечена приредба по повод Патрониот празник на ООУ „Григор Прличев“ во НУЦК„Григор Прличев“ до 19 часот.