Локално

Песков: ДНР Кореја е нашиот најблизок сосед и партнер

Кремљ соопшти дека Русија ги развива односите со ДНР Кореја во сите области и дека ќе се движи врз основа на договорите постигнати меѓу нивните лидери кога тие се состанаа во рускиот центар за вселенско лансирање минатата година, пренесува „Ројтерс“.

Во септември, претседателот Владимир Путин му посака добредојде на лидерот на ДНР Кореја – Ким Јонг Ун и вети дека ќе ѝ помогне на ДНР Кореја да изгради сателити.

„ДНР Кореја е нашиот најблизок сосед и партнер, со кој развиваме и имаме намера дополнително да развиваме партнерства во сите области“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, додека севернокорејската министерка за надворешни работи Чое Сон Хуи ја започна својата посета на Москва.

„Посетата е развој на договорите што беа постигнати на космодромот Восточни кога Ким го посети, врз основа на резултатите од преговорите што ги имаше со Путин. Дијалогот на сите нивоа ќе продолжи. Се радуваме на интензивните и плодни преговори“, рече тој.

Портпаролот на Кремељ додаде дека Русија се надева оти посетата на Путин на ДНРКореја, на покана на Ким, ќе се случи „во догледна иднина“, но рече дека сè уште не е договорен датум.