Британија по кратка постапка ги враќа Албанците дома заради нелегален влез
Британскиот премиер Риши Сунак изјави дека договорот со Албанија за забрзана депортација на барателите на азил од оваа земја спречил зголемување на бројот на нелегални влегувања во Велика Британија, пренесува Клан Косово. Повеќето од нив работат на нелегални фарми за канабис.
Би-Би-Си потсетува дека десетици албански имигранти минатата година беа осудени на повеќе од 300 години затвор, откако биле регрутирани од криминални групи да работат на фарми за канабис кога влегле во Велика Британија. Во интервју за оваа телевизиска мрежа, Сунак рече дека приоритет на неговата влада е воспоставување и функционирање на шемата за депортација на барателите на азил од Албанија.
Иако новинарката што го водеше интервјуто, Лаура Куенсберг, тврдеше дека поседува документи кои не го потврдуваат фактот дека бројот на мигранти од Албанија е намален, Сунак вели дека времето ќе покаже кој е во право.
Британскиот премиер изјави дека бројот на баратели на азил кои дошле во Велика Британија со мали чамци во 2023 година е намален за 90%, и потсети дека во 2022 година 12.658 Албанци успеале да го поминат Ла Манш на ваков начин. Минатата година, откако Велика Британија воведе низа мерки, вклучително и брз договор за депортација на баратели на азил од Албанија, успеале да депортираат најголем дел од Албанците кои на нелегален начин се обиделе да влезат во оваа земја.
Британската влада им го отежна барањето за азил на мигрантите кои тврдеа дека се жртви на критична политичка ситуација во нивната земја, што е најчеста причина заради која бил побаран азил.