Интервју – Манчевски: Чебрен е од суштинско значење за електро-енергетскиот систем

Одлуката на Владата за грчка компанија да го го гради ХЕЦ Чебрен на Црна Река беше контроверзна и стана многу актуелна во последниве месеци. Стручната фела строго се противеше на одлука за изграба на хидроцентралата за која првите студии и идејни проекти за нејзина изградба датираат уште од 1963 година, а во последниве триесетина години нејзината изградба се предвидува во сите стратегии за енергетски развој на Република Македонија. На оваа тема разговаравме со Александар Манчевски, дипломиран машински инженер, Заменик координатор на Левица – Сектор Енергетика:

  • Антропол: Во што е проблемот, зошто се крена толку голема врева околку јавно-приватното партнерство за ХЕЦ Чебрен помеѓу ППЦ-Архиродон и Владата на РМ?

Манчевски: Одлуката на Владата за грчка компанија да го добие стратешкиот проект Чебрен е поразителна и штетна за целокупата енергетска независност на Македонија!

Ваквата Одлука на Владата значи дека електричната енергија која ќе биде произведена во Македонија од домашниот хидропотенцијал повторно ќе треба да ја купуваме на берза по комерцијална цена.

Во изминативе 30 години биле спроведени 13 неуспешни тендери за да се изгради ХЕЦ Чебрен со помош на јавно-приватно партнерство. Тие тендери пропаѓале од едноставна причина што проектот со тогашната цена на електричната енергија бил неисплатлив за приватните инвеститори или периодот на враќање на инвестицијата бил предолг. Но, денес условите се сменети. Растечкиот тренд на потреба од електрична енергија, воено-политичките конфликти во светот и зголемента свест за заштита на животната средина ја зголемуваат цената на овој ресурс особено ако е добиен од обновлив извор. Јавно-приватно партнерство во тоа време имало смисла, но од денешна перспектива е поразителен концепт. Јавно-приватно партнерство се прави за да се открие „златен рудник“, но не и за да се експлоатира веќе откриен.

  • Антропол: Колкаво е значењето на ХЕЦ Чебрен во македонскиот електро-енергетски систем?

Манчевски: Локацијата која се дава на странски инвеститор има природни предиспозиции за изградба на реверзибилна хидроцентрала и истата е од суштинско значење за електро-енергетскиот систем на државата. Во време на енергетска криза, отуѓување на секој потенцијал за државно производство на електрична енергија е дело против државноста и самостојноста на Македонија.

Оваа природна „батерија“ ќе го закрепне целокупниот систем, ќе го намали притисокот врз термоцентралите и ќе ги балансира вишоците од дневното производство на фотоволтиците.

Зголемента употреба на фотоволтаици за производство на електрична енергија и згаснувањето или работењето со намален капацитет на големите рударско металуршки комбинати значително ја смени кривата на дневниот енергетскиот биланс на Македонија. Реверзибилна хидроцентрала би го решила проблемот на прозведените вишоци електрична енергија во услови на силно сончево зрачење преку ден, особено во летните месеци. Реверзибилен концепт на работа на хидроцентралата е во суштина постоење на два резервоари на вода на различни надморски висини и инсталирање на комбиниран агрегат турбина/пумпа. Вишоците електрична енергија кои системот не може да ги прими, во пумпен режим на работа би ја качувале водата од долното во горното езеро, додека навечер кога нема сонце потенцијалната енергија на водата од горното езеро со турбински режим ќе се трансформира повторно во електрична и ќе се врати во долното езеро. Загубите на енергија во овој процес се грубо околку 30%, што е незначително во споредба со придобивките.

  • Антропол: Колкав процент од потребата за електричната енергија на Македонија ќе покрие производството на ХЕЦ Чебрен и дали е тоа доволно?

Манчевски: Електричната енергија добиена од хидроцентрали вообичаено се користи за задоволување на непредвидените дневни пикови на потрошувачка. Тоа не е ни блиску до доволно за да ги задоволи целосно потребите за електрична енергија на Македонија. Грубо кажано, ХЕЦ Чебрен би произведувала 3-5% од вкупната дневна потреба за електрична енергија на Македонија. Во моментов базното производство на електрична енергија го испорачуваат термоцентралите на јаглен кои се изградени во претходниот систем, користат застарена технологија и се во очајна состојба. Правилата на игра дополнително ги затега Европа која забрзано се движи кон јаглеродна неутралност (carbon neutrality). Покрај тоа, за многу скоро ќе се соочиме и со недостиг на квалификуван кадар кој ќе ги одржува и управува овие капацитети од причина што вработените се возрасни и ќе се пензионираат.

  • Антропол: Дали има други придобивки од изградбата на ХЕЦ Чебрен?

Манчевски: Црна Река и нејзиниот слив се најголемиот водотек во Пелагонискиот регион. Ако се изземе Преспанското езеро реката претставува најголемиот хидропотенцијал и воден ресурс на регионот. Местото каде што е предвидена изградбата на браната за ХЕЦ Чебрен претставува најтесен дел на речното корито на Црна Река со погодни топографски, геолошки и геотехнички карактеристики што овозможуваат едноствна изградба на брана и формирање на акумулација. Со изградбата на оваа акумулација, освен потенцијалот за производство и акумулирање на електрична енергија ќе се стабилизира хидрологијата во регионот, ќе се направи заштита од поплави и ќе се обезбеди вода за наводнување на Пелагонија. Покрај тоа, изградбата на вештачко езеро на таа локација ќе овозможи заживување на Мариовскиот регион преку изградба на патна и санитарна инфраструктура, недопрената природа има огромен потенцијал за туризам, лов и риболов.

  • Антропол: Грчкиот „Архиродон“ се откажа од изградбата на Чебрен. Под овие услови, кое би било решението на проблемите кои ги посочивте?

Манчевски: ППЦ-Архиродон се има откажано веројатно затоа што Владата, под притисок на експертската јавност,  ги сменила условите кои задкулисно ги договорале за користење на водите. Постапката запре токму заради Законот за води, доколку добијат дозвола за стопанисување со водите треба да гу управуваат водите под строго утврдени услови, а изгледа тоа не им одговора.

Сепак, независно од тоа кои се причините, сметам дека ХЕЦ Чебрен треба Македонија да го изгради сама, а и според разврската на тендерската постапка веќе е извесно дека под притисок на стручната јавност и четиринаесетиот тендер е на пат да пропадне. Придобивките од овој зафат на среден и долг рок допираат до многу сектори на државата, почнувајки од градежништвото преку образованието, земјоделието, градинарството, туризмот, лов и риболов.

Производството на базна електрична енергија во најскоро можно време мора да се ревитализира, мора да се изградат нови модерни капацитети.

Техничкото образование треба да се модернизира и да стане атрактивно за младите луѓе.

Во својата програма, Програмскиот сектор Енергетика на Левица ја става Република Македонија како носител на сите проекти и инвестиции во енергетиката затоа што таа е еден од столбовите на независноста и самоодржливоста на државата.