Уставен суд против графата националност во изводите од матичните книги оспорена од Левица

Уставниот суд се сомнева во уставноста и законитоста на одредбите за внесување графа со национална припадност во изводите од матичните книги на родените, умрените и венчаните.

Судиите одлучија да го прифатат предлогот на судијата известител Дарко Костадиновски и да поведат постапка. Сметаат дека националната припадност е лично чувство, емпириски непроверлив податок и слобода на изразување утврдена со Уставот, а компаративната анализа покажала дека нема држава во која изразувањето националност е задолжително.

Оваа графа беше воведена со одлука на министерот за правда Кренар Лога во мај годинава. Тој објави упатство за матичните служби врз основа на закон од 95-та година, што беше оспорен пред Уставниот суд од Левица. Во јули Судот времено го стопираше ова упатство, но немаше мнозинство за донесување одлука.