АктуелноЛокално

Инспекцијата утврди дека наставникот по албански јазик во Чашка бил вработен незаконски

Државниот инспекторат за труд донесе решение со инспекциска мерка, со кое се поништува огласот за 6 лица во ОУ ,,Тодор Јанев” Чашка, меѓу кои и за наставникот по одделенска настава на албански јазик. Во ова основно училиште со недели родители протестираат и не им дозволуваат на учениците да посетуваат настава, а јавноста можеше да види и како директорката беше изложена на негодувања и протести пред да влезе во училишната зграда. Причината за протестот, според организаторите, е во тоа што паралелката е отворена на незаконски начин.

ржавниот инспекторат за труд постапувајќи по писмено барање за вршење вонреден инспекциски надзор во правниот субјект ОУ Тодор Јанев, општина Чашка, изврши вонреден инспекциски надзор од областа на работните односи, во врска со наводни неправилности при спроведувањето на постапка по јавен оглас, при што во рамките на надзорот, утврдени се низа недостатоци и неправилности по што од страна на инспекторот е донесено решение со инспекциска мерка со кое се поништува јавниот оглас за вработување на 6 лица, меѓу кои и за еден наставник по одделенска настава на албански јазик, велат од Државниот инспекторат за труд за ,,Слободен печат”.

Но, на страницата на Агенцијата за вработување, од вчера активен е нов оглас за вработување на наставник по одделенска настава на албански јазик, кој што завршува утре (недела, 17 декември). Огласот е објавен во петок а завршува во недела, односно кандидатите реално имаат само еден работен ден.