Предизборен буџет или поткуп на гласови
- Пишува: Јулијана Штрковска Колариќ – координатор на Сектор Финансии при Политичката Партија Левица
Знаењето е моќ, рекол Френсис Бејкон, но кај нас последниве децении моќта и силата се сконцентрирани во власта и затоа таа стана толку неодолива. Трката за водење на државата веќе е започната. Партиите на власт не се притеснуваат да ги употребат сите средства и методи кои им стојат на располагање. За нив ништо не е свето и недопрено, па дури и сопствениот народ го манипулираат за да изнудат гласови за мнозинство пратеници во Собрание. Моќта која им ја овозможува власта ја користат само за остварување на своите лични интереси. Избирачите се целосно заборавени, сè додека не се наближат изборите. Нивните намери се отсликани и во Предлог Буџетот на Република Македонија за 2024 година.
Пет години не покажаа основна грижа за народот и државата и сега, одеднаш им текна дека постои народ и дека државната каса им е на располагање и никој не може да ги спречи да ја трошат за поткуп на гласачкото тело. Бесрамно се додворуваат на избирачите со парична помош од неколку илјади денари месечно сè до завршување на изборната кампања. Предлог Буџетот им е само алатка за да добијат уште еден мандат.
Предлог Буџетот тежи 5,5 милијарди евра и не е спорно што проектирале рекордните расходи, туку спорна е провидната намера за обезбедување на сигурни гласови, како и начинот на кој ќе дојдат до приходи за да ги задоволат мегаломанските трошоци. И покрај огромниот јавен долг, владата планира четвртина од буџетот да го покрие со домашни и странски задолжувања и во состојба е да го доведе во должничко ропство, само за да ги оствари своите цели.
Проектирани се повисоки плати за државната администрација, повисоки пензии, место реформи и целосна ревизија на пензискиот фонд, за кој постои сомнеж дека дека се исплаќаат пензии на лица кои не го оствариле тоа право или се починати. Власта предизборно ќе додели парична помош следните пет месеци на 187 илјади пензионери, 120 илјади млади лица, над 704 илјади социјално ранливи категории на граѓани, 40 илјади земјоделци, над 16 илјади лица со попреченост или самохрани родители и на 70 илјади компании. Ќе потрошат речиси 700 милиони евра народни пари за да ги купат гласовите на избирачите и да си обезбедат уште еден мандат. За студентите ќе се потрошат над милион евра за ваучери за туризам, за „подобрување“ на студентскиот стандард, иако подолг период студентите протестираа за цената на субвенционираниот студентски оброк, доцнењето на исплата на стипендиите и мизерните услови во студентските домови.
Поткупот ќе го плаќаме ние, со ДДВ преку прометот на стоки и услуги, со данокот на личен доход, со акцизи, царини, такси, надоместоци и многу други давачки кои ни се наметнати, а од идните генерации власта ќе очекува да се солидаризираат и да ги отплаќаат долговите направени последнава деценија за да си овозможат луксузно и расипничко владеење.
Позади бројките во Предлог Буџетот се крие пропаста на економијата, а со тоа и на државата. Развојната компонента најмалку е присутна. Дури и расходите за договорни услуги се повисоки од капиталните расходи. Во споредба со иницијалниот буџет за 2023 година, капиталните расходи се пониски, а со секој ребаланс први се на удар за кратење. Владата и понатаму планира реализација на капитални проекти преку субвенции на претпријатија и невладини организации, дури 41 отсто од вкупните расходи. Капитален развој преку „невладините“ организации е погубен, а покрај овие субвенции, невладините ќе добијат дополнителни 19,5 милиони евра преку трансфери или повеќе од 2 милиони евра во споредба со претходната година, за власта да си обезбеди предизборна поддршка.
Клиничкиот центар во Скопје и во Штип, кои почнаа да се „градат“ во далечната 2015 година, децениската изградба на делницата Кичево—Охрид, како и многу други инфраструктурни проекти, станаа научна фантастика. Изградбата или реконструкцијата на патната, железничката и комуналната инфраструктура се планираат со години, а нивната реализација не е ни на повидок. Државниот завод за ревизија имаше бројни наоди и констатации дека постои застој, бавна динамика на реализација на стратешките инфраструктурни проекти, што ја зголемува цената на чинење на проектите, а задолжувањата се сè поскапи поради неефикасниот начин на операционализација.
Расходите во Предлог Буџетот за 2024 година изнесуваат 35 отсто од БДП и можат целосно да се покријат со сузбивање на сивата економија, која според ММФ се движи околу 38 отсто од БДП. Има многу решенија за полнење на државната каса, преку оданочување на најбогатите, преку прогресивни даноци, данок на експлоатација и данок на луксуз. Нееднаквоста во економска смисла не е создадена поради тоа што сопствениците на дел од компаниите се премногу способни да остварат енормни профити, туку поради законите кои им овозможуваат непречено да се богатат, посебно во кризни периоди.
Управувањето со државата воопшто не би било привлечно, доколку власта работи одговорно и совесно за интересите на својот народ и за Македонија. Моќта која би произлегла од таквиот начин на владеење, би значела самопожртвуваност, макотрпно работење и застапување на широките народни маси, а пред сè на работникот, како основна клетка во секоја институција и компанија.