АктуелноЛокално

Левица: Неолитскиот локалитет Каракамен нападнат од Бехтел и Енка

  • Реакција на Левица – Сектор култура

Американско-турскиот конзорциум Бехтел и Енка деновиве започнаа со минирање во месноста „ЦРН КАМЕН“ (с. Алинци, прилепско) каде се наоѓа познатото наоѓалиште со раритетно минерално богатство од светски ранг и неолитскиот археолошки локалитет Каракамен. Локалитетот се наоѓа околу 1 км северозападно од село Шелеверци. Минирањето и тешката градежна механизација се закана за уништување на локалитетите.

Секторот Култура на Левица апелира до надлежните веднаш да се престане со градежни активности, со цел да се зачува природноно и културното наследство на Македонија.

Иако предлогот за дополнување на Законот за заштита на културното наследство беше повлечен од Собранието, и понатака продолжува сагата на бескрупулозното уништување на културното и природното наследство на Македонија. Владата преку своите нефункционални Министерства и институции повторно без свест за културните вредности на државата, го занемарува и уништува наместо да се грижи за заштитата на културното и природното наследство.

Планираниот Коридорот 10 д (Делница на автопатот Прилеп – Битола) е еден од побогатите региони со културно и природно наследство во земјава. Пелагонија е позната по својата уникатна неолитска култура чии артефакти се ретки. Во околината на Прилеп и Битола се наоѓаат голем број на археолошки локалитети. Културните слоеви во нив датираат од неолитот па се’ до средниот век. Овие локалитети изобилуваат со богато културно наследство од различен карактер и често се подложни на уништување. Поради тоа потребна е постојана заштита на археолошките локалитети.

Ги прашуваме надлежните Министерства и органи зошто нема археолошки надзор на изградбата на Коридор 8 и Коридор 10, од надлежните институции, согласно Законот за заштита на културно наследство. Археолошкиот надзор треба да се одвива во континуитет се’ до завршување на градежните активности за пробивање на трасата на двата коридори. Но, археолошкиот надзор би ги сопрел градежните активности и би ја успорил нивната работа, на неопределено време, односно се’ додека археолозите не го истражат локалитетот кој е во опасност. Ваквата ситуација не би им одговарала на американско-турскиот конзорциум Бехтел и Енка, а најверојатно и на Владата.