АктуелноЛокално

Ванковска: Потсетување за улогата на медиумите во демократијата

Пишува: Билјана Ванковска – редовен професор на УКИМ

„Поради растечката функција на „куче чувар“ кој го надгледува водењето на нацијата преку изложување на испади и корупција, и поради држењето на тие на власт отчетни, медиумите се сметаат за четврта власт, која ги дополнува трите гранки на власта обезбедувајќи тежа и противтежа. Исто така, медиумите играат една посуштествена улога на обезбедувач на информации нужни за рационална дебата. Здравото функционирање на демократијата зависи од тоа колку електоратот прави избор врз основа на знаење/информираност, а тоа пак зависи од квалитетот на информациите кои електоратот ги добива. Медиумот, како институција, долго време ја ужива позицијата на доверлив примарен извор на вести и информации. Поради големината на популацијата, веќе е невозможно секој граѓанин непосредно да учествува во демократскиот процес. Тој факт доведе до воспоставување на претставнички облик на демократија во кој претставниците зборуваат и дејствуваат во име на поединците. Медиумите, во една ваква средина, ја презедоа улогата на ГЛАС НА НАРОДОТ упатен до тие на власт.“

Вчера СИТЕ медиуми се посрамија, и го изгубија правото да се нарекуваат професионални, доверливи и независни. Една парламентарна партија одржува конгрес, избира раководство и ги детерминира правците на својот развој и учество на изборите во 2024. НИТУ еден медиум не го ни нотира настанот. Забрането им е или е ова резултат на самоцензура? Нека се запрашаат кога ќе се погледнат во огледало. „Лупетање“ од типот, ама тоа е мала партија со два пратеника, е токму тоа – лупетање и ишкање на мувата од капата. Не е важно што ВИЕ мислите за Левица, не е важно што мислат вашите газди (на Калето или на други места), најмалку што можевте да сторите е да пренесете куса агенциска вест. Знаеме каков циркус правите кога се во прашање (божем) „големите партии“, кои по ништо не се прославија во овие 32 години, а чија „големина“ зависи од пропагандата, од парите вложени и во медиумите, меѓу другото. Вие ги правите големи, зошто живеете од нив. И зошто наметнувате биполарен свет, поделен меѓу два блока или две партии или два етникума.

Јас не сум новинар, само сум колумнист. А бев и уредно поканета (како и вие) како гостин на свечениот дел на вчерашниот пленум на Левица. Вие можете да ја игнорирате, по нарачка или по проценка, но Левица расте со таков ентузијазам и решителност што наскоро ќе се изненадите „од каде се појавија“. Медиумскиот мрак ќе се распукува како зората кога руди над карпите и ги пробива облаците. Но, срамот од понизната и додворувачка позиција на медиумите кои креираат лажна стварност или ја игнорираат вистината, ќе си остане.

Убаво рече Чомски уште одамна (Manufacturing consent) дека она што за автократијата е камшикот, за демократијата се медиумите.

Скриншотот е од пред неколку минути! СРАМ!

ДОДАТОК: Истото ни се случи неодамна за научниот Форум што го одржавме на тема односите на земјите од Западен Балкан и Кина! ИСТО! Како да не се случил, како да тие паметни луѓе што зборуваа си зборуваа сами на себе. Вие не слушате никого, чипирани и навикнати дури и на една реторика, терминологија, ограничен видокруг на светот. А ние, научни работници, очајуваме што попусто си зборуваме за она што ни е работа и што го знаеме.