Отворaње на реновираниот Оддел за литература за деца во Градската библиотека
Во Македонија има експанзија на литература за деца и млади, па веруваме дека многу од тие наслови ќе бидат претставени токму тука. Одделот ќе работи според месечна програма која предвидува работилници, промоции, средби со автори и илустратори – истакна директорката Снежана Стојчевска
Скопје, 16 ноември – Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје го пушти во употреба реновираниот оддел за литература за деца. Свеченото отворање беше по повод 78. годишнината од постоењето на Библиотеката.
– Оваа годишнина е успех за секоја институција, посебно за Библиотеката каде што се гледа и чувствува посветеноста на сите вработени. Ви честитам и на трудот да го обновите овој оддел, па Градската библиотека да добие место каде што најмладите ќе учат, ќе читаат и ќе го осознаваат светот низ игра во овој прекрасен простор. Ви честитам и на сѐ друго што како институција правите. Се надевам дека освен нашата поддршка, ќе ја добиете поддршката и од министерството за култура за да се пополнат работните места со професионалци, кои ќе ги пренесат своите знаења не само на најмладите, туку и на сите нас. Зашто без човечките ресурси ова е само една празна просторија – потенцираше во своето поздравно обраќање градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска.
Одделението за литература за деца во централниот објект постои од 1974 година. Новиот и современ изглед е архитектонското решение на Александра Лазаревска (студио Арчи Нова) и ги следи потребите и читачките навики на денешните деца, но и актуелните текови во библиотечното работење. Просторот е од отворен карактер, со посебно акцент на светлината и боите кои создаваат пријатна атмосфера погодна за читање и креација.
На реновирањето работевме цела година, буквално рушевме ѕидови за да стигнеме до простор каде што децата со радост ќе ги создаваат своите читачки навики. Не ги заборавивме и младите, кои тука ќе најдат не само лектири, туку и слободна литература и мултимедијални изданија. Во Македонија има експанзија на литература за деца и млади, па веруваме дека многу од тие наслови ќе бидат претставени токму тука. Одделот ќе работи според месечна програма која предвидува работилници, промоции, средби со автори и илустратори. Добивме голема донација на книги од неколку издавачи, но треба време за да се обнови целиот фонд. Предвидовме катче за слепи, слабовидни и дислексични лица за што се надеваме и на поддршка од општествено-одговорните компании и поединци“, истакна директорката на Библиотеката, Снежана Стојчевска.
Одделот за литература за деца располага со книжен фонд од околу 20.000 книги. Голема донација на нови изданија за деца и млади пристигна од издавачките куќи Сказнувалка, Арс Ламина и Антолог, на кои Биоблиотеката им додели и посебни благодарници.
Признанија за поддршка и успешна соработка им беа доделени и на ЈУ Универзална сала, Детски културен центар Карпош и СУГС „Лазар Танев“. Вчерашната свеченост започна со детската претстава „Доживувањата на Куферко“ на Артленд и Бејбиарт продукција, а заврши со доделување на благодарници за долгогодишната посветена работа на пензионираните библиотекари.
Признанија за поддршка и успешна соработка им беа доделени и на ЈУ Универзална сала, Детски културен центар Карпош и СУГС „Лазар Танев“. Вчерашната свеченост започна со детската претстава „Доживувањата на Куферко“ на Артленд и Бејбиарт продукција, а заврши со доделување на благодарници за долгогодишната посветена работа на пензионираните библиотекари.