На денешен ден Град Скопје е ослободен од фашистичкиот окупатор

На 13 ноември 1944 година, борците од 42-та и 50-та народноослободителна дивизија на македонската војска и 16-та македонска бригада го ослободуваат Скопје од германската фашистичка окупација.

По неколкудневни тешки борби со припадниците на 22-та германска дивизија, составена од 47-от и 65-от полк и делови од 11-та воздухопловна десантна дивизија, како и со германската тврдинска бригада „Ангермилер“ која беше распоредена пред Качаничката клисура, борците со победоносен марш влегоа во градот.

Утрото на 12 ноември 1944 година, започнаа борбите за конечно ослободување на градот Скопје, а веќе наредниот ден во вечерните часови градот беше слободен.

По ослободувањето од фашистичкиот окупатор на 13 ноември 1944 година, градот брзо се развива и станува индустриски, културен и административен центар на Социјалистичка Република Македонија која е во составот на Социјалистичка Федеративна Република Југославија.