Матица на иселеници од Македонија на фестивал во Турција
„Македонија! Македонија!“ онака како што ние ја изговараме, не на нивните јазици или на англиски, беа извиците на Турци, Монголци, Иранци, Романци, Азербејџаници, Киргистанци, Туркменистанци, Кинези, Јапонци, Ерменци, Италијани, Хрвати, Срби, Бошњаци, па дури и Бугари и многу, многу други народи од секаде во светот.
Неописливо е чувството и емоциите кои навираат кога три дена, од различни народи од светот, слушаш восхитени извици „Македонија!“, „Македонија!“. И да само Македонија. На фестивалот во Анталија за сите посетители и земји учеснички бевме само Македонија.
Анталија Јорук Туркмен фестивалот започна со дефиле на сите учесници, облечени во своите народни носии, низ центарот на Анталија. Оттука сите се упатија на местото на фестивалот, 400 декари простор, каде беа поставени шатори за секоја земја и група учесничка на фестивалот. Македонскиот шатор беше претворен во мал музеј со етнолошки предмети од Најмалиот етно музеј на светот, од Џепчиште, на Симеон Златев – Моне. Пред шаторот беа поставени два банери на кои беа изложени цртежите на женска и машка народна носија, на Марија Малахова од албумот „Македонски народни носии“ од 1963 година.
Посебна атракција пред македонскиот шатор беа свирачите од фолклорнто студио FS Blazevski Мартина, Мартин, Матеј и особено Душан, душа од дете, кој неуморно свиреше на гајда и зурла и привлекуваше гости кон шаторот. Во шаторот Симеон Златев, или како што сите го нарекуваа, чичко Моне, на посетителите им објаснуваше за предметите (керамика, бронза, накит, носии, предмети за сточарство, колекција за кафе, колекција за тутун…), а со бариерите во јазикот му помагаа на турски и англиски Мелиса, Инес, Наталија и Филип. Секој еден што ќе влезеше во македонскиот шатор сакаш да се фотографира со предметите и со чичко Моне, со свирачите и играорците облечени во македонски народни носии. Сакаа да понесат со себе дел од нашата култура, дел од Македонија преку фотографија и пропаганден материјал (знаменца, брошури, книги).
Македонскиот фолклор беше претставен на вториот ден на фестивалот на главната бина. Играорците од ФС „Блажевски“ (Јуле, Симона, Анабела, Калина, Теодора, Теа, Радован, Перо, Димитар, Драган, Давит, Андреј, Александар и Стефан) заедно со музичарите ги изведоа машкото оро „Ајдучко“ и кореографската поставка „Пијанец“ и девете во кореографија на Јовица Блажевски. Меѓу двете кореографски поставки музичарите (Мартина, Матеј, Мартин и Душко) го отсвиреа Пиринско оро.
Вториот ден на фестивалот, македонскиот шатор го посети и градоначалникот на Анталија Мухитин Бочек кој со задоволство и особено внимание ја разгледа македонската изложба и се интересираше за предметите. На градоначалникот му се заблагодаривме за посетата со пригодни подароци (македонско занме и знаме на Матица на иселениците од Македонија, книга од Најмалиот етно музеј на светот, брошури за Македонија, ЦД од ФС „Блажевски“…) а му врачивме и плакета од бронза „Матицата на иселениците од Македонија“.
Особено не’ израдува екипата на Министерството за култура на Турција која ја посети нашата изложба, снимаше и побара изјави за претставување на Македонија.
Македонските природни и културни богатства беа претставени преку видеото „Македонска љубовна приказна“ чиј автор е Gonca PerunkovskaГонца Перунковска од Македонскиот национален совет во Швајцарија, а со свои фотографии учествуваат десет фотографи од Македонија: Наце Попов, Билјана Јуруковски, Владимир Јовановски, Дуле Дамјановски, Гордан Ристовски, Доријан Миловановиќ, Зоран Карапанчев, Ристе Спироски, Ристе Стамаџиев, Маја Крстевска Коларова, Горан Анастасовски, Гонца Перунковска. Музиката во видеото е на групата „Синтезис“ и Драган Даутовски квартет.
На фестивалот, кој траеше од 3 до 5 ноември се претставија 81 здружение и 25 општини. Фестивалот беше во знакот на одбележување 100 години од формирањето на турската Република на Кемал Ататурк. Јуруците од сите делови на светот ги претставија своите традиции и обичаи. Јуруците создадоа прекрасна атмосвера со нивната шарена традиционална облека, уникатна музика и храна.
Оние кои го посетија фестивалот имаа можност да вкусат локални деликатеси. Пред шаторите беа изложени сувенири кои ја прикажуваат културата на Јуруците. Гостите кои сакаа да ја обиколат областа имаа можност да јаваат на камили и коњчиња. Беа организирани и демонстрации на стрелаштво со коњи кои го одземаа здивот на публиката. Низ разговорите одржани во научниот шатор беше претставена културата на Јуруците. Културите на другите народи беа претставувани во нивните шатори.