Ахмети отвори музеј на УЧК во кумановското село Сопот
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети викендов отвори музеј на УЧК во кумановското село Сопот, каде е изложена и карта на Голема Албанија.
Изложени се и фотографии на команданти на УЧК од Косово како што е основачот Адем Јашари, како и ликови од воениот конфликт во Македонија како Исмет Јашари, но и фотографиите од поранешниот командант на УЧК, Али Ахмети.
Ахмети во обраќањето рекол дека Албанците се господари во Македонија и дека се државотворци.
„Кога ја почнавме активноста, ја почнавме за да ја направиме Албанија, да нема граница, но политиките се сменија и избравме прагматизам, а не фанатизам. Ние избравме Албанците во Македонија да бидат државотворци, да бидат господари во оваа земја и да се залагаат во сопствената држава, а ова знаме денес е официјално и неприкосновено. Еве ја крвта на стотици војници, патриоти и Албанци. Албанскиот јазик е официјален и неприкосновен“ – изјавил Ахмети.
Не е познато кој го финансирал овој проект, кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски тврди дека никој не побарал дозвола за отворање музеј од општината, но зошто општинските инспекциските служби не реагирале додека траела изградбата на објектот не коментираше.
„Дали е отворен музеј или спомен обележје, си има строга постапка дефинирана според закон, како се отвора такво нешто. Во моментов немам никаква информација, ниту некој се обратил до Општина Куманово за да побара каква било дозвола“ – Димитриевски.
Ова многумина го оценуваат како нова националистичка постапка на ДУИ, кои е спротивна од заложбите за соживот, а Македонците го толкуваат како провокација, која доаѓа паралелно со провокацијата на навивачите на Шкупи, кои истакнаа транспарент на натпревар на кој пишува „Ќе го исполниме историскиот аманет Скопје да биде срцето на Албанија“.
Во Куманово многумина се сомневаат дека општината и градоначалникот Максим Димитриевски не знаеле за изградбата на ваков објект, затоа што нелегално да се гради музеј и никој тоа да не го забележи е невозможно. Засега нема официјална реакција до Министерството за култура, по што останува прашањето, дали државата ќе голтне уште една националистичка провокација на ДУИ, која што го нарушува соживотот и го презентира нездравиот национализам презентиран од претставниците на албанските политички партии.