600 тони олово во Орман

  • Реакција на Левица – Горче Петров

Откако Левица реагираше за чадот со необична боја и мирис кој се шири низ Општина Ѓорче Петров, Инспекторатот излезе на терен и пронајде 600 тони отровно олово во село Орман, Ѓорче Петров – отпад чиј создавач е, најлогично, компанијата за преработка на акумулаторски батерии која се наоѓа на 4 минути растојание од лоцираните ‘планини’ згура.

Според изјавата на Инспекторатот, единствено што е побарано од сопственикот на парцелата е отпадот да биде дислоциран.

За жал и ноншалантноста на градоначалникот Стојкоски повторно излезе на виделина кога е во прашање здравјето и животот на граѓаните. Имено, истиот кој ветуваше чист воздух и нула толеранција кон загадувачите – ваквиот животозагрозувачки случај тотално го избегна со ‘негова ненадлежност, односно ненадлежност на Општината’, иако загадувачот е на самата граница на Општината и најблизу до жителите на Ѓорче Петров.

Индустријата за преработка на акумулаторски батерии се смета за еден од најголемите загадувачи на воздухот, почвата и животната средина. Во овој случај, поради близината на објектите за преработување, како и правецот на течење на реката Лепенец, отровниот воздух брзо стигнува до внатрешноста на Општина Ѓорче Петров, но и Карпош, а земјата на која нелегално се одлага згурата е трајно загадена – поради што и овој отпад се смета за високо ризичен.

Од засега воочениот пристап, воопшто не се посветува внимание на изворот на проблемот – кој и како го создал овој високо ризичен отпад.

Каква корист имаат граѓаните на Општина Ѓорче Петров доколку отпадот биде расчистен, ако продолжат секојдневно да дишат токсичен воздух од загадувачите на кои институциите воопшто не обрнуваат внимание?

Не санкционирање на создавачот на отпадот, несомнено ќе доведе до негово натамошно работење на ист начин и барање на нова локација за одлагање на отровниот отпад.

Левица нема да дозволи да се заборави и затаи овој случај!

Ги повикуваме надлежните, вклучувајќи го и градоначалникот Стојкоски, соодветно да се заангажираат за животот и здравјето на граѓаните и животната средина и темелно да расчистат со трујачите на народот.