Голготата на жртвите на семејно насилство – срам за нашето општество
- Пишува: Златица Жантевска – Пејиќ, АФЖ – Левица и советничка во Советот на Кисела Вода од Левица
Медиумите сè почесто се препoлни со ужасувачки информации, како: „маж претепал жена“… „полицијата реагирала по пријава за расправија во семејна куќа“… „фемицид“… По објавување на вакви грозоморни дејствија од членови на семејството во чија близина жртвите требало да се чувствуваат најсигурно, својствено на нашиот менталитет, од удобна и сигурна далечина следуваат рафали од коментари во кои едни се убедени дека жената со нејзиното однесување го предизвикала мажот или ја осудуваат зошто останува со насилникот, други ја сожалуваат, трети излегуваат со информации дека биле сведоци, ама тоа не е нивна работа, но никој не се осмелува да ги обуе чевлите на жртвата на семејно насилство, па така и коментарите се како во народната „сто стапа по туѓ грб малку се“.
Без оглед на статистичките податоци, за жал, секојдневно сме сведоци на семејно насилство кое претставува сериозен општествен проблем кој загрижува со својата застапеност. Секоја втора жена е изложена на психолошко насилство, секоја петта жена се соочува со одредена форма на физичко насилство, додека сексуалното насилство меѓу двајца партнери е тема за која ретко се разговара во нашето опкружување. Пријавените случаи на семејно насилство не ја одразуваат реалната застапеност на овој голем проблем бидејќи податоците од истражувањата за застапеноста или „темната бројка“ на семејното насилство укажуваат на неговата широка распространетост во нашето општество која е многу поголема доколку се направи споредба со пријавените случаи.
Покрај социопатското однесување на насилникот, значајно е да се знае дека основна причина за појава на семејното насилство е прифатеноста на патријахалните вредности и подредената улога на жената во однос на мажот во бракот и семејството. Состојбата е поалармантна имајќи предвид дека станува збор за насилство што се случува зад затворени врати, во домот каде сите треба да се чувствуваме сигурни и безбедни.
Поразувачки е Извештајот на ОБСЕ во кој се забележува дека:
Во Македонија, за разлика од земјите од ЕУ, трипати е поголем бројот на жени кои сметаат дека семејното насилство е приватна работа, нешто што треба да остане во семејството, а една третина од жените сметаат дека жената треба да му се покори на мажот дури и кога не се согласува со него и дека тој има право да покаже кој е главен во куќата.“
За неверување е и податокот дека во 21 век уште е раширено верувањето дека е „оправдано мажот да ја тепа жената ако се расправа со него, ако е незадоволен како таа се грижи за децата или ако таа излезе од домот без да му каже или без да побара дозвола од него“.
Според податоци од Државниот завод за статистика и други институции надлежни за оваа проблематика, семејниот дом е најнебезбедното место за жртвите на семејно и родово базирано насилство, а загрижувачки е фактот дека голем број од жртвите не го пријавувале насилството со кое се соочувале. Заради низа причини жртвите не се одлучуваат да го пријават семејното насилство и да побараат помош. Стравот од осуда од околината, предрасудите, целосно изгубената доверба во институциите, финансиската зависност од партнерот, но и фактот дека многу мал број од жените во Македонија поседуваат имот на свое име се едни од најчестите причини поради кои значителен број жени остануваат под ист кров со насилникот.
Многу е тешко да се чекори во оловните чевли на жртвите на насилство. Континуираната психо-физичка тортура од страна на насилниците и нивното севкупно однесување кое е насочено кон воспоставување контрола врз жртвите доведува до нивно ниско самопочитување со потценување на сопствените способности да преземат нешто во врска со справување со ситуацијата. Насилникот е со убедување дека нешто не е во ред со жената која е жртва на семејно насилство и дека на некој начин таа го зслужува насилството бидејќи тој бил испровоциран од жртвата да примени насилство. Ова уверување придонесува вината за насилството што се случило да се префли на жртвата. Па така, жртвите почнуваат да веруваат во сите митови за насилните семејни односи и имаат ирационални ставови за родовите улоги во семејството. Долги години поднесуваат страдање, фрустрираност и пасивно го прифаќаат однесувањето на насилникот и со текот на времето појавуваат психосоматски тешкотии и покажуваат стресни реакции. Општествената стигматизација го стиска обрачот околу жртвите, па така, тие постепено влегуваат во социјална изолација, ги губат контактите со семејството и пријателите, го губат чувството за сопствените граници, стануваат неспособни за проценка на заканата и прифаќаат вина. Често размислуваат за самоубиство, имаат историја на обиди за самоубиство, но и желби партнерот-насилник да е мртов. Прифаќаат децата да се заложници на односите и имаат чувство на немоќ да ги заштитат. За жал, многу често, жртвите имаат претходна историја на семејно насилство како очевидци или како директни жртви.
Поразителна е статистиката според која 80 проценти од жртвите на семејно и родово базирано насилство кои се секојдневна цел на насилниците не го пријавиле насилството кое го преживувале во надлежните институции заради тоа што се оставени без конкретна заштита и поддршка. Најболно е што ова е резултат на катастрофалниот однос на корумпираниот државен систем кон семејното насилство потпомогнат од малограѓанштината и опасната конзервативност на паланката. Високиот степен на недоверба во постапувањето на надлежните институции, вклучително и полицијата, центрите за социјална работа и правосудството, значително влијае жртвите да бидат демотивирани да го пријават насилството. Малиот број жени кои собрале храброст да го пријават насилството во полиција или по укажана помош во болница најчесто ја повлекувале пријавата со објаснувања дека се удриле во врата која не виделе дека била затворена или дека се сопнале и паднале по скали и од тоа им се модринките или кршениците по телото бидејќи биле свесни дека со пријавувањето уште повеќе ќе го разгневат насилникот. Како уште една, за жал, многу честа причина за останување под ист кров со насилникот е исклучување на жената од имотното наследство. Поголем број жени не го оствариле своето право на имот и наследување и се откажуваат од семејното наследство во корист на нивните браќа, заради традицијата, но и заради „мир во куќата“. И сè додека кај нас се применува дискриминирачката изрека „Женско дете е туѓа стреа“ , немањето своја „стреа“ за многу жени, жртви на семејно и родово базирано насилство ќе биде штетно, а честопати, за жал и фатално. Но и нискиот буџет со кој располага жртвата често е пресуден таа да остане во насилната средина.
На ова се надоврзува ниската свест кај граѓаните дека секој има обврска да пријави насилство, а притоа доминантниот став е дека пријавување насилство од позиција на трето лице претставува мешање во туѓиот живот. Но, семејното и родово базирано насилство не е приватна работа. Обезбедувањето шелтер центри за жртвите на семејно и родово базирано насилство, напорите на граѓанскиот сектор за справување со овој горчлив проблем преку подигнување на свеста, поддршка на жртвите и застапување на системски измени не се доволни за надминување на ситуацијата ако не се поддржани со поширока институционална и општествена акција.
Потребен е вистински чекор кон трајно решавање на проблемите и успешно реинтегрирање на жртвите во општеството кои собрале храброст да го напуштат насилникот преку конкретен сервис на поддршка. Насилници и социопати имало и ќе има, но кога засегнатите институции соодветно ќе ја вршат својата работа и совесно ќе постапуваат по предметите со цел овие случаи да не завршат со фемицид, тогаш насилството врз жена само затоа што е жена нема, како што е сега случај, да претставува горчливо сознание дека ние како општеството сме потфрлиле и сме ги изневериле жртвите на семејно насилство.