Изложбата „Животи обликувани од вода“ во Културно-информативен центар Скопје
Утре (5 октомври) со почеток од 19 часот ќе се отвори изложбата „Животи обликувани од вода“ во Културно-информативниот центар Скопје.
Изложбата „Животи обликувани од вода“ ја открива сложеноста на нашиот однос со реките и ги документира врските меѓу луѓето и реките преку објективот на седум етаблирани фотографи од Босна и Херцеговина, Црна Гора, Хрватска, Македонија, Словенија и Србија.
Изложбата е дел од иницијативата „Заедно за реките“, која има за цел да заштити повеќе од 400 километри реки низ нашиот регион. Иницијативата ја покрена меѓународната организација за заштита на природата Nature Conservancy, а партнери се Еко -свест од Македонија, Центарот за заштита на животната средина од Бања Лука, здруженијата „Динарика“ и „Нови вал“ од Босна и Херцеговина, Еко-тимот од Црна Гора, и Еколошкото друштво „Рзав“ од Србија.
Во рамките на оваа Иницијатива Еко-свест во соработка со општината Демир Капија и Министерството за животна средина и просторно планирање ја започна постапката за репрогласување на клисурата Демир Капија за заштитено подрачје, со што ќе се обезбеди активна заштита на дел од долното течение на реката Вардар и нејзините чисти и недопрени притоки.
Влезот е бесплатен.