Топланата Скопје Север се продава по втор пат, сега по значително намалена цена

Топлана Скопје Север во Чаир е позната во јавноста кога во екот на најголемата енергетска криза беше прва која пушти парно за своите корисници, но набргу потоа парното им секна на околу 500 домаќинства, па тие беа принудени да се мрзнат во студени денови, се додека државата не го реши проблемот.

Ваквото однесување тогаш предизвика револт кон Владата, па оттаму го повикаа директорот прво да ги плати долговите за компанијата со која раководи, односно парите што и ги дала ЕСМ за набавка на гас. Потоа Топлана север снема природен гас и сакаше да почне да работи на мазут, но од надлежниот инспекторат тоа изрично го забранија, бидејќи тој енергенс е исклучително голем загадувач на животната средина.

Финансискиот извештај на оваа компанија говори дека таа лани била загубар, односно деловната година ја завршила со загуба од 321 илјади евра.

Практично, на стартот на наредната недела преку Берзата ќе се продава Топланата Скопје Север, а со оглед што таа е во сопственост на АД во стечај – „Топлификација“, продажбата ќе оди на барање на една од членките на Берзата, Комерцијална банка. Продажбата ќе оди по пат на јавна берзанска аукција, а ќе се реализира според моделот „се или ништо“.

Во октомври лани имаше обид да се продаде топланата Север, но тогаш за повисока сума, од близу еден милион евра. И тогаш понудувач била Топлификација во стечај. На аукцијата требало да бидат понудени сите акции, а почетната цена која се барала за компанијата била околу еден милион евра. Или, на барабан одеа 77.414 обични акции на компанијата, по цена од 780 денари за акција, што е рамно на 982 илјади евра. Моделот исто така бил „се или ништо“. Потоа немаше информација што се случи со оваа евентуална зделка.

Оваа година за целата Топлана Север практично ќе се бараат 31,3 милиони денари, или 607 илјади евра. А, тие пари што ќе се остварат од продажбата, веројатно ќе влезат во стечајната маса на Топлификација, а потоа оттаму ќе се распределуваат на доверителите на таа компанија.