Археолозите го скенираа просторот кај Градско, каде се претпоставува дека се наоѓаат некрополите на античката населба на локалитетот Видин Град

Во текот на минатата недела, д-р Дамјан Донев од Институтот за Национална Историја во соработка со м-р Радомир Ивановиќ и Мартин Гиевски од Археолошкиот Музеј на Република Северна Македонија и д-р Анита Василкова од Народниот Музеј – Велес, изведоа геофизичко скенирање на просторот каде се претпоставува дека се наоѓаат некрополите на античката населба на локалитетот Видин Град, кај селото Водоврати, Градско.

Проектот беше подржан од Министерството за Култура во рамки на програмата за подршка на проекти од национален интерес во културата за 2023 година. Со ова истражување се надополнуваат сознанијата за топографијата на оваа античка населба собрани во текот на последнава деценија.

Овој малку познат антички центар идентификуван е со градот Аргос во Пајонија. Според најновите сознанија, градот постоел од самите почетоци до самиот крај на антиката, подоцна епископски центар во провинцијата Македонија Секунда. Откриени се одбранбениот ѕид со главните градски порти, градското средиште со ранохристијанска базилика и неколку јавни градби со непозната намена, како и дел од градските некрополи. Пронајден е и дел од градска улица на западната, највисока тераса, што претставува драгоцен податок за просторниот план на населбата.