Сакам моите деца да знаат дека не молчев

  • Став на Жаклина Свеќаровска – Координатор на Левица – Сектор образование

Историјата е учителка на животот. Не само што поучува, туку и жестоко казнува за ненаучените лекции. Казната неретко е егзекуција на народите што не научиле и  кои бидуваат проголтани од темнината на заборавот, а најчесто е ропство, наведната глава,  свиен ‘рбет, грло полно непреголтка понижувања, краток синџир и пранги на нога на поробените. 

Јазикот пак, го обезбедува интегритетот и континуитетот на еден народ, или, со зборовите на Мисирков: „јазикот на еден народ е негово духовно богатство и наследство во кое се заклучуваат отпечатени во гласовни знакови или зборови сите народни мисли,чувства и желби со коишто има живеано и живее еден народ и коишто се предаваат како нешто свето од едно поколение на друго.“ Јазикот и историјата на еден народ се камен темелник на националниот идентитет. 

Последните години жестоко се удира и по едното и по другото во обид да се исече македонската нација во корен.  Наназад, низ децениите нападите доаѓаа однадвор. Сега, за жал, доаѓаат одвнатре. Преспанскиот договор, преговорите со Бугарија, усвојувањето на т.н француски предлог, поточно сервилноста на квислинзите кои се на власт создадоа услови, а концепцијата на Царовска направи пат за секирите кои удираат по милениумските корени на Македонците да стигнат до најкревките негови жили, до децата. 

Со изговор за реформи во образованието се ампутираат сите содржини од областа на националната историја и од историјата на македонскиот јазик од наставните програми и од учебниците. 

Колку е длабока јамата во која се обидуваат да го закопаат националното самочувство зборуваат и податоците за скандалозно малиот број ученици кои последните години избираат да студираат на катедрите за Историја или Македонски јазик? – Периодов ја живееме последната шанса да го дочуваме и одбраниме своето, она за кое што генерациите пред нас страдале и гинеле, желни барем нивното поколение да живее без ропски пранги што ќе го му го врзат чекорот и летот. 

Се надевам и верувам дека повеќето од нас сакаме нашите деца да знаат дека не сме молчеле.