Инспекторатот констатираше незаконитост кај лекарските извештаи само на албански јазик
- Соопштение на Политичката партија Левица
По претставката што правниот тим на Левица ја поднесе против доктор Кастриот Аџиреџа од Тетово, кој лекарските извештаи ги издаваше само на албански јазик, Инспекторатот за јазици при Министерството за правда издаде РЕШЕНИЕ со кое се утврдува дека има прекршување на законот од страна на докторот.
Имено, Инспекторатот по извршениот инспекциски надзор, констатирал дека докторот го прекршил член 6, став 2 од Законот за употреба на јазиците, според кој лекарските извештаи, задолжително се пишуваат на македонски јазик и на докторот му изрекол инспекциска МЕРКА – Опомена со рок за отстанување на утврдените недостатоци. Доколку во утврдениот рок докторот не ги отстрани укажаните недостатоци, Инспекторатот ќе донесе друга инспекциска мерка, согласно Законот за Инспекторат за употреба на јазиците.
Потсетуваме дека претставката беше поднесена од страна на правниот тим на Левица, откако повеќе граѓани се обратија дека од страна на докторот им бил издаден извештај само на албански јазик.
Деградирањето и непочитувањето на македонскиот јазик во континуитет се мотивира од страна на етничките политички партии, како пракса која се рефлектира и на институционално ниво.
Додека владата на Ковачевски молчи пред зачестените вакви негирања кои доаѓаат од нејзини коалициони партнери, Левица ќе продолжи да се спротиставува на сите негативни тенденции кои го понижуваат македонскиот идентитет.