Здравствен систем во Н.Р. Кина: Мислев дека сум во луксузен хотел, а не во државна болница
- Пишува: Томе Караџоски, дописник за Антропол од Н.Р. Кина и член на политичка партија Левица
Подолго време живеам и работам во Н.Р. Кина и како и секој еден човек кој бил приморан да си ги напушти родното огниште поради егзистенционални прашања секојдневно будно ги следам случувањата кај нас дома. Генерално кога и да читам за сите неправди, тежок живот, сиромаштија и бедотија што им се случува на моите сограѓани, во повеќето случаи се идентификувам со нив или пак идентификувам некој познат или роднина што му се има случено иста или слична ситуација.
Последниот случај со онкологија како капак на сѐ, ме згрози како и цела Македонија и ме натера да направам една споредба и да споделам искуство со медицинскиот систем и услуги што го имаат во Кина.
Еден ден се разбудив со инфекција на окото и морав да побарам медицинска помош.
Тогаш ми беше прва година како живеам во Шангај и се уплашив да одам на доктор бидејќи не знаев што ме чека, дали воопшто ќе ме примат во јавна болница, колку ќе ми наплатат итн…
Побарав на мапа и забележав дека имаат јавни болници на секој два до три километри, па на среќа избрав една и се упатив натака.
Кога стигнав во болницата следеше културен шок. Не бев сигурен дали се наоѓам во болничка установа или пак некој луксузен хотел, си помислив, сега има да ме одерат за медицинските услуги, јас странец, без кинеско здравствено осигурување. Но, немав избор и се упатив да закажам преглед. Ми дадоа бројче и ме упатија на катот кој е специјализиран за офталмологија.
Комуникацијата одеше слабо бидејќи докторот не зборуваше англиски, а јас пак можев да изустам само по некој кинески збор. Заврши прегледот ми даде докторот некое ливче со кое можев да ги земам препишаните лекови од болничката аптека и ме упати кон благајната.
Верувале или не, на каса за прегледот и лековите заедно ми наплатија само 115 јуани или по нашки, 900 денари. Запрепастен платив и си заминав. Подоцна дознав дека кинеските државјани плаќаат партиципација само дваесет проценти од сметката. Искрено колку што бев радосен дека лесно е евтино поминав, толку се натажив знаејќи дека роднините и пријателите што сум ги оставил во Македонија треба да поминуваат низ нашиот здравствен систем, онаков каков што е, чекање по цели денови во темни ходници, дрзок персонал и на крај лечен – недоизлечен пациент (респект за чесни исклучоци).
Ова ме натера да мислам: дали навистина немаме никаква друга алтернатива освен таа што ни ја налагаат во моментов, или пак толку сме затупени и кратковиди и за целиов овој период успеале да ни го искршат вратот, па да ни биде свртен само спрема запад. Од мои лични позитивни искуства можам со сигурност да ви кажам можеме и тоа како да учиме и да имаме меѓусебна соработка и бенефити и со источните земји, исто така.