Поглед од Пекинг – главната метропола на кинескиот универзум

Пишува – Тодоровски Дарко, експерт по меѓународни односи и воен аналитичар.

Пекинг, главниот град на Кина е неверојатен град во кој античките палати и храмови наизменично се менуваат со ултра модерни облакодери, згради, паркови и прекрасни хотели. Пекинг е првиот град во светот во кој што се одржани летни и зимски Олимписки игри, во 2008 и во 2022 година   Бучен и густо населен, со повеќе од 24 милиони жители, разновиден и многу интересен, модерен и атмосферски – Пекинг не случајно е наречен еден од најлегендарните градови на планетата. Секоја година милиони туристи и бизнисмени од целиот свет го посетуваат Пекинг. 

Еден од тие среќници кој што го посети Пекин сум и јас, на почетокот на Август. Пекинг е град стар повеќе од 3 000 години, политички, економски, воен и културен центар на НР Кина, и еден од водечките светски градови. Пекинг е град кој што никогаш не спие, град низ кој што тече огромна енергија, а на секој чекор може да се почувствува кинеската филозофија, традиција и култура. 

Од Меѓународниот аеродром во Пекинг до градот има неколку начини да се дојде, почнувајќи од брз воз, автобус или такси. Јас ја избрав опцијата со брз воз, со цел да уживам во пејсажите, каде што природата и парковите се сменуваа со згради, и за помалку од 20 минути веќе бев во центарот на Пекинг. Железницата е поврзана со подземното метро, кое што е современо, чисто, удобно, со модерни вагони, и метрото ги поврзува сите делови на Пекинг. Иако мал дел од кинезите во Пекинг знаат англиски јазик, сите се трудат да ти помогнат, и ти даваат инструкции или ти помагаат да дојдеш до точната локација. 

Со самото стапнување во Пекинг, јасно чувствуваш дека си се нашол во друга цивилизација, цивилизација која што постои 5 000 години, уникална цивилизација со своја енергија и животен ритам. Кинезите се прагматичен, дисциплиниран и работлив народ, со колективен карактер, каде сите заедно работат на остварување на Кинескиот сон, кој што е сон за „Патот до големата преродба на Кина“, што треба да доведе до национално достоинство, до среќен народ, и богата и моќна Кина. 

Првиот ден имав можност да ја посетам Централната телевизија на Кина CCTV која се наоѓа во кинеската централна телевизиска кула, која што е висока 405 метри, и од која што се отвара прекрасна панорама на вечниот град Пекинг. Во НР Кина и во Пекинг се е големо и огромно, почнувајќи од булеварите, па се до зградите и облакодерите.

Кина и кинезите толку напред се отидени во дигитализацијата и вештачката интелегенција, што веќе со години не се користат книжни јуани и банкарски картички, туку се користат дигитални јуани преку апликација на мобилен телефон, односно WeChat, каде што секој граѓанин има свој код, и со тој код се врши плакање, закажување на потребни документи, закажување на доктор, како и други државни и градски услуги. Од една страна тоа и дава на државата можност за поголема контрола, а од друга, води кон намалување на гужвите во метро, на железнички и автобуски станици, аеродромите, во продавниците и трговските центри, во рестораните и во државните институции. Во голем број државни објекти во НР Кина, вработените влегуваат преку скенирање на зениците на очите. Исто е и во кинеските школи и факултети. 

НР Кина е водечка држава во светот кога се во прашање електричните автомобили, автобуси и други возила, и во Пекинг на улиците има околу 1 милион такви возила. Имав можност неколку пати да се возам во електрично такси во Пекинг, и тоа е незаборавно доживување. Ширум Пекинг веќе во употреба се и беспилотни електрични такси возила. Во Пекинг, како резултат на проблемите со загадениот воздух, со години во тек е државна политика и стратегија за намалување на загадувањето. Предност му се дава на градскиот транспорт, каде што голем број на автобуси се веќе електрични. Кинеската влада дава субвенции за купување на електрични автомобили. Во Пекинг постои ограничување за движење со автомобили на мотори со внатрешно согорување, односно пар непар, според регистерските таблички, се движат низ Пекинг во одредени денови. А електричните автомобили се движат секој ден. 

НР Кина е водечка држава во светот по број на патенти, вештачка интелегенција, брзи возови, бродоградба, изградени облакодери, сончеви панели и колектори, индустриски роботи, развој на 6G мржа, супер компјутери, и по инвестиции во науката и истражувањето, НР Кина веќе е на ниво на САД. Нови современи технологии, како и технологии од футуристичките филмови, 5G мрежа насекаде.

Во Пекинг имав можност да посетам голем број на антички споменици од голема важност за НР Кина и за целиот свет, одлични кинески ресторани со традиционална кинеска храна и луксузна услуга. Во Пекинг го посетив плоштадот Тјенанмен кој што плени со својата големина, убавина и историја. На плоштадот се наоѓа мавлозејот на Мао Це Тунг, споменикот на „Паднатите херои“, кинескиот парламент, односно Народното собрание, Националниот музеј на НР Кина како и главната порта (Портата на небесниот мир) во „Забранетиот град“, односно Императорскиот град. Од разговорите со кинезите дознав дека за секој кинез е особено важно барем еднаш во својот живот да го посети плоштадот Тјенанмен, „Забранетиот град“, како и Големиот кинески зид. 

“Забранетиот град” е најголемиот дворец или палата било кога изградена во светот за потребите на еден император, цар, претседател или државник. Дворецот има 9999 соби, одаи, канцеларии, сали за официјални приеми. 9 е најголемиот број во Кина и во кинеската филозофија и традиција означува авторитет и моќ. “Забранетиот град” – бил главен дворец и палата на кинеските императори почнувајќи од династијата Мин па се до крајот на династијата Цин, односно од 1420 па се до 1912 година. Од “Забранетиот град” со Кина, поточно со “Небесната Империја” управувале и владееле 24 императори. 

Кинезите се народ кои што доста патуваат, и на лето во Пекинг има огромен број на туристи од цела НР Кина. Поради тоа, во „Забранетиот град“ се купуваат билети неколку месеци предходно, и поради таа причина не успеав да го посетам, но имав можност да уживам во панорама на „Забранетиот град“ од еден храм изграден на височина, кој што се наоѓа во негова близина. 

Имав можност да го посетам и прекрасниот храм, „Храмот на небото“, каде што кинеските императори се молеле за богат род и добра жетва. Се работи за импозантен храм, во духот на кинеската традиција и култура.

Го посетив и Воениот музеј на кинеската народна револуција во Пекинг. Воениот музеј на кинеската народна револуција е изграден во 1958 година, и истиот е во советски стил.  Се работи за импресивен музеј, со голем број на разна воена техника и опрема, почнувајќи од основањето на Народноослободителната армија на Кина, татковинската војна против Јапонија во Втората Светска Војна, граѓанската војна во Кина, Корејската војна, Виетнамската војна, граничниот конфликт со СССР, па се до современи видови на оружје и воена опрема кои што се во составот на Народноослободителната армија на Кина.

Под заштита на државата во Пекинг се 7.000 историски споменици, многу од нив се реставрирани и отворени за разгледување, оживеани се традиционалните и се измислуваат нови шарени историски спектакли.

Посета на НР Кина и на Пекинг не може да помине без да се пробаат големиот број на кинески јадења и специјалитети. Ако секоја кујна е уметност, кинеската храна е врвното светско ремек-дело. Кинеската кујна е богата и разновидна како кинеската историја и филозофија. И духот на Јин и Јанг се чувствува во кинеските јадења. Вистинско гастрономско задоволство!

Пекинг е град кој што веднаш ве опфаќа со своите големи прегратки и ве освојува со својата убавина, историја, мистика, архитектура, богата и разновидна кујна. Град во кој што се вљубувате при првиот поглед, и град кој што ве тера повторно и повторно да го посетите. До нови средби Пекинг, ти благодарам за прекрасното време, енергија и моменти!