Во Вевчани започнува Фестивалот на народна култура ,,Пображење”
Денеска во Вевчани започнува 13-тиот по ред Фестивал на народна култура ,,Пображење” со програмската содржина ,,Народната култура во Вевчани инспирација за младите ликовни уметници” при што во текот на целиот ден на различни локации низ Вевчани ќе творат децата на детското ликовно студио ,,Св.Кирил и Методиј” од Битола, а вечер во дворот на МКЦ во Вевчани ќе бидат изложени нивните дела за посетители.
Веднаш по изложбата започнува Ревијата на народни носии насловена ,,Моштенки” на авторот Филип Јаковлески од Битола на која ќе бидат презентирани носии, песни и ора од етничкиот предел Леринско поле во изведба на КУД ,,Илинден” – Битола.
Фестивалот свечено ќе биде отворен утревечер на големата сцена во центарот на Вевчани, каде две вечери на 17 и 18 Август, народната култура ќе ја презентираат ансамбли од нашата земја и од странство. Во рамки на програмата овваа година од Македонија на фестивалот ќе учествуваат КУД-ва и Ансамблите: Бојмија од Гевгелија, Блажевски од Скопје, Ефрем Каранов од Кратово, Копачка од Драмче, Кочо Рацин од Скопје, Здружение на пензионери од Охрид, како и фолклорните ансамбли од Ескишехир – Р.Турција, Морачки морнари од Шериќи – Босна и Херцеговина и Топлица од Прокупље – Србија. Фестивалот завршува на 19 Август на големиот празник Преображение Христово со концерт на Ансамблот ,,Македонија” до Скопје со почеток во 20,30 часот на анфитеатарот ,,Успение на Пресвета Богородица” во центарот на Вевчани.
И оваа година се потрудивме да обезбедиме содржајна програма на нашиот фестивал, впрочем каква што доликува за Вевчани и секако за нашата држава. Се трудиме фестивалот да си ја задржи својата автентичност, разноликост и посебност при што во иднина уште повеќе ќа работиме во таа насока. Не радува што интересот за учество на овој фестивал од година во година е се поголем, но, поради ограничувачки пред се смештајни капацитети во Вевчани програмата ја конципираме на толку учесници колку што можеме домаќински и професионално да ги пречекаме и угостиме – изјави д-р Тошо Чочороски, директор на фестивалот.
Фестивалот ,,Пображење” покрај презентација и развој на народната култура има за цел да ги поттикне нашите македонски фолклорни друштва да истражуваат и презентираат што повеќе изворен традиционален фолклор, при што доделува плакета ,,Чувари на изворната традиција” на оној ансамбал кој најдобро ќе презентира на фестивалот ваков тип на фолклор. За плакетата одлучува стручниот совет на фестивалот во состав: проф-др Мирјана Мирчевска, етнолог; проф-др Велика Стојкова Серафимовска,етномузиколог; проф-др Даворин Трпевски, етнолог; Јовица Блажевски, професионален играч и пејач во Танец; Наташа Кукоска, етнолог.
Фестивалот на народна култура ,,Пображење” во Вевчани е во организација на КУД,,Дримкол” од Вевчани, а под покровителство на општина Вевчани и на општествено одговорни фирми и организации од Вевчани.