Кираџиева: Како пензионерите да преживеат со 12.000 денари, кога на оние кои сега прават математики ни 1.500 евра не им стигаа, па си ги покачија платите за 78%
- Фејсбук објава на Раководителката на АФЖ на Левица – Весна Кираџиева
Мајка ми, тазе пензионерка, од следен месец ја чека првата пензија со минималец, тоа е околу 12.000 денари. Транзицијата ѝ го „изеде“ стажот како и на повеќето денешни пензионери кои се со оваа минимална пензија, најчесто поради украден стаж и украдени пари за пензиско осигурување. Па денес, извесни станки, темелковци, јованки се обидуваат да наметнат логика во целово лудило и нелогичност – КАКО ОВИЕ ПЕНЗИОНЕРИ ДА ПРЕЖИВЕАТ СО 12.000?
Им ги слушнавме математиките, објаснувањата, натегнувањата, ценкањата, ама никако не кажуваат како тие би преживеале со овие 12.000 ден, кога ним ни оние 1500ЕУР не им стигнуваа, па си покачија за уште 78% плата? СДС се тотално одлепени од реалноста и народот!
Денес излеговме на протест заедно со другарите од Левица да им дадеме поддршка на сите пензионери, бидејќи никој од овие луѓе не би излегувал на протест, во сред август, во 12ч напладне, по најголемите горештини ако нема сериозна мака! Па немаат ли тие мајки, татковци, баби, дедовци? Возрасни луѓе, паѓаат на улица по жештиниве, со надеж дека ќе се изборат за некоја денар плус, додека за функционерите не беше проблем да добијат 78% покачување, на и онака високите функционерски плати, а освен Левица, никој не мрдна да реагира за ова.
Па така, извесна Станка Трајкова од Сојузот на пензионерите, која е продолжена рака на хибридниот режим на власт на СДС од клапата на Заев, како претседателка која е платена за тоа, ДОЛЖНА да ги штити нивните интереси, со прст не мрдна за барањата на пензионерите, а им го укина и организираниот превоз од некои градови за да стигнат на протестот. Таа зема пензија 35.000 месечно, плус 15.000 од ПИОМ, плус бенефиции, ваучери за маркети, телефон, 9.000ден паушал, хотел викенди од Сојузот, па нормално дека ќе молчи во интерес на газдите од СДС.
Темелко Ристески, наместо како претседател на Партијата на пензионерите да ги застапува нивните интереси, излезе со став дека линеарното зголемување на пензиите не било правично и дека треба тие со поголеми пензии да имаат поголемо зголемување, бидејќи плаќале поголеми придонеси во ПИОМ… Инаку, Ристески важи за верен владин апологет, кој стана познат за јавноста кога се обзнани негов извештај до Министерството за одбрана, каде меѓу платените активности, се и пропагандни текстови за власта на СДС.
Министерката за труд и социјала, во истиот шаблон со погоре наведениве, непотребно да трошам време и простор да ја образложувам.
И на крајот, СДС излегуваат лицемерно на пресови, во кои изјавуваат како тие ги поддржуваат пензионерите? Молам? Тие барале системски решенија… Па нели ви беа доволни шест години власт за ова? Колку години мислите дека имаат пензионерите за да чекаат? Функционерските покачувања по брза постапка се решија „системски“ – значи можело. За ненародни прослави, има 100 илјади евра кои поттикнуваат етнички поделби и тензии, ама нема за пензионерите кои се од сите националности и етнички групи.
ПАРИ ИМА, АМА МНОГУ КРАДЕТЕ!
Пензионери и останати – памет во глава следни избори, инаку големи се шансите, никој од нас и да не си дочека пензија.