„Просто и строго – Конески“ е новата книга од Иван Антоновски
Деновиве од печат излезе книгата „Просто и строго – Конески“ од авторот Иван Антоновски. Станува збор за ново исчитување на делото на Конески, по повод, како што објави издавачот „Матица македонска“, 30 години од неговото физичко заминување од овој свет.
„Иван Антоновски прецизно го чита Конески и го чита тестаментално, како што се чита послание срочено од престижна јазикотворечка личност. И ја доловува смислата на Конески, на која самиот тој толку инсистираше и не дозволуваше прашања. Но долг и право е на авторот следбеник на тие загатнати прашања да посочи одговор. Во името на егзактноста со која понира во пределните области на Конески“, пишува професорот Димитар Пандев во својата согледба за делото.
Освен Пандев, свој осврт за книгата имаат и академик Катица Ќулавкова и професорот Владимир Мартиновски. Антоновски за своето ново дело изјави дека е за Конески и за зборот што треба да се чува добро врзан и за поривот што за смисла не прашува.
„Се надевам дека оваа книга која се надоврзува на согледбите на нашите претходници и современици кои се осврнуваа/т кон опусот на Конески е барем скромен придонес кон исполнувањето на обврската што ја имаме и во нашево време… Обврската што ја има и мојата генерација! За непрекинато вреднување и просто и строго доисчитување на Блажевото дело, на македонски јазик. Вклучително и на неговата поезија – на неговите песни за кои запиша: „Како патник на починка / што разгрнувајќи го бршлeнот / открива гробна плоча, / така некој случаен намерник / под лисјата на вашите зборови / ќе насети скриена смисла. / Тогаш сведочете за мене!’ Оваа книга е и резултат од дел од потрагата по таа ‘скриена смисла’“, изјави авторот.
Иван Антоновски е поет, есеист, книжевен критичар, книжевен преведувач и публицист. Дипломирал на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Автор е на неколку поетски книги, како и на едно прозно дело. Застапен е во повеќе домашни и меѓународни поетски антологии и зборници, а делови од неговото поетско творештво се препеани и публикувани и на неколку странски јазици.