Сопруга на градоначалник, ќерка на обвинителка и син на судија се новите судии судии
Билјана Смаќоска, ќерка на пензионираната обвинителка Гордана Смаќоска и Кирил Георгиев, син на врховниот судија Наке Георгиев, станаа судии во Кривичниот суд. Сопругата на градоначалникот на Аеродром Тимчо Муцунски, Симона Бубевска Муцунски денес беше избрана за судија во Граѓански суд.
За нив гласаше мнозинството во Судскиот совет, кои избраа вкупно 25 лица, кои од денес ќе вршат судиска функција. Смаќоска и Георгиев се дел од групата на седум кандидати кои беа избрани од Советот. Останатите се: Марија Беговиќ, Драгана Исакоска, Драган Јосифовски, Ахмет Идризи, Фросина Стојаноска.
За судија во Граѓанскиот суд, членовите на Судски совет ја избрааа и Симона Бубевска Муцунски, сопруга на градоначалникот на Аеродром Тимчо Муцунски. Останатите судии се Кристијан Митревски, Лилјана Костојчиноска, Драган Петрушевски, Маја Катариниќ, Андреа Апостоловска Малиноска, Машкули Пајтин и Јованов Јордан.
„По оглас за избор на судии избрани се следните судии: за Основен суд Битола: Петар Чаловски, Елена Журовска и Горан Димовски, кандидати од Академијата за судии и јавни обвинители; за Основен суд Свети Николе: Драгана Илиовска, кандидат од Академијата за судии и јавни обвинители; за Основен суд Струмица: Катерина Тодорова – кандидат од Академијата за судии и јавни обвинители и за Основен суд Тетово; Бојана Тоиќ и Муса Реџеп – кандидати од Академијата за судии и јавни обвинители; за Основен суд Битола е Иван Колевски – кандидат од Академијата за судии и јавни обвинители“, известија од Судски совет.
За да биде избран за судија Кирил Георгиев во Кривичен суд, неговиот татко се повлече од функцијата член на Судски совет. Наке Георгиев останува судија во Врховен суд.
Гордана Смаќоска, пак, во време додека беше обвинителка ја вработи нејзината ќерка во Обвинителството, па и беше колешка. Лани Советот на обвинители ја пензионираше, а од денес Билјана Смаќоска ќе суди во Кривичниот суд.