Ивановиќ: СДСМ никогаш не била партија на народот, но повеќе не е ни партија на државата

  • Фејсбук статус на Срѓан Ивановиќ

На алтуелното раководство на СДСМ му е перфектно јасно дека само во една ваква специфична глобална и регионална ситуација може да биде на власт. Сегашните функционери на партијата се од некогашниот петти ешалон кои своевремено со срамежлива насмевка ги отпоздравуваа првенците од “бихаќка”. Затоа и се срамат и се понижуваат во коалицијата со ДУИ, бидејќи само така ќе останат на власт и само така ќе се возат во министерски лимузини, а во нивниот систем на вредности тоа е највредното.

СДСМ одамна го загуби својот потенцијал и многумина на партијата и предвидуваат “пасокизација”. Веројатно тоа е и точно, а тоа го знаат и во СДСМ, па затоа со сите сили врхушката на партијата се држи на власт и не и е проблем кога некој Бектеши или некој Груби ќе ги превесла жедни преку вода. На крај ќе паднат и ќе пропаднат, но тоа тогаш нема да биде битно, бидејќи тие ќе бидат тотално небитни.

СДСМ никогаш не била партија на народот, но повеќе не е ни партија на државата, ако тоа може така да се каже. Од државотворен фактор стана соучесник во разнебитувањето на Македонија и нејзино можно расцепкување. Можеби не ви се верува, но главниот мотив е личната кариера на неколу нехаризматични и не многу паметни луѓе. Тие се издигнаа од анонимноста и се вивнаа во врвот на политичката сцена, па сега кога животната цел е достигната тогаш ништо друго не е битно.

И ништо нема да ги премисли или да ги навреди. Тие ќе глумат државници до последно и ќе се вртат на повикот министре/ке уште долго по падот. Македонија ги живее своите најлоши денови од осамостојувањето, ама ни тоа не им е битно. Тие не потекнуваат од народот и својот мандат не му го должат на народот. Се редат за патувања во Брисел и во Вашинтон, а во Скопје се само кога мораат.